Прес-конференција за претставата „Пламенка“ во Битола

Претставата „Пламенка“ е првата премиера во Битолскиот театар во 2026 година

Премиерата на претставата „Пламенка“ по истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева, ќе се одржи на 19 февруари во Битолскиот театар.

Премиерата на претставата беше најавена на прес-конференција на која учествуваше актерската и уметничката екипа, а присутните ги поздрави директорот на НТБ Битола, Васко Мавровски, известија од Битолскиот народен театар.

„Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на ‘Жиголо’ по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026-та, на мое огромно задоволство, повторно ја започнуваме со праизведба, овојпат на романот на Петре Димовски со наслов ‘Пламенка’. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“, истакна Мавровски.

Мавровски додаде дека Битолскиот театар конечно е во позитивно салдо. „Во однос на годишната програма, не можам да откривам детали бидејќи треба тоа сето да помине на Управен одбор, но, можам да ве известам дека конечно Народен театар Битола излезе од темнината. За првпат после долги години имаме позитивно салдо, благодарение на премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со директна финансиска помош од два милиони денари и со наши сопствени средства некаде повеќе од 2,5 милиони денари, успеавме долгот, којшто верувајте многу долго време ни тежеше, да го анулираме. Успеавме да го зголемиме бројот на публика од седумнаесет илјади на триесет и четири илјади. Тоа е негде 98 проценти. Успеавме да го зголемиме бројот на изведби на претстави од осумдесет и седум да ја стигнеме бројката 187. А полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година да продолжиме да работиме посветено, како што работевме минатата година. И сакам да ја искористам приликата на сите 69 вработени во Народен театар Битола од срце искрено да се заблагодарам, бидејќи трудот којшто секој еден од нив поединечно го вложи, верувајте, беше огромен бидејќи правевме нешто за коешто треба малку повеќе време да помине за да може и да се реализира. Имаме рекорден број на премиери во историјата на Битолскиот театар. Тоа се тринаесет премиери во неполни дванаесет месеци.“

Подетални информации во однос на програмата ќе бидат соопштени на 25-ти февруари, кога ќе биде одржан прес за првата претстава од програмата за 2026-та, тоа е детскиот мјузикл „Пинокио“ во режија на Деан Дамјановски.

Кога љубовта станува пламен, а зборовите пепел, во свет каде тишината тежи повеќе од крикот, една жена се бори со сопствената судбина, со страста, со стравот, со вистината што гори. „Пламенка“ од Петре Димовски е приказна за жената што не прифаќа да згасне.

„За мене авторот Петре Димовски, е еден од најголемите македонски автори, голем романсиер, исклучителен раскажувач, кој целиот свој животен век и цело свое пишано дело го посветил на луѓето од битолскиот крај, на битолската жена, на трагедиите што се случувале во нашиот крај, на војните, на преживувањето на нашето население. Неговите приказни се исклучително емоционални и многу потресни и работата врз ова дело за сите нас беше чест и привилегија. И многу се радуваме што Петре е меѓу нас и што ќе си ја види својата претстава на сцена. И мислам дека тоа е исклучително важно да се негуваат живите македонски автори, посебно живите битолски автори“, изјави режисерката Софија Ристевска Петрушева.

Драматизацијата на романот ја направи Билјана Крајчевска.

„Тоа беше навистина едно обемно дело. Самата авторка помина седум варијанти за да ја добиеме точната варијанта за нашата претстава. И беше многу интересно да се гледа како живиот драматург го почитува и му се восхитува на живиот автор. Значи, иако тие двајца приватно не се познаваа, начинот на којшто Крајчевска работеше врз делото на Димовски, јас како еден човек што го следев целиот тој процес бев длабоко восхитена. ‘Пламенка’ е проект што е финансиран од Министерството за култура, за кој ние сме многу благодарни и е копродукција помеѓу ‘Интимен театар’, Народен театар Битола и Центар за култура Битола. И јас сум благодарна на двајцата директори и раководители и на Васко Мавровски и на нашиот Сашо Илковски, кои ни дадоа простор да ја сработиме претставата тука во нашиот театар со нашите прекрасни актери и цела екипа“, додава режисерката.

Во самата изработка на претставата огромен дел има КУД „Илинден“: Филип Стефановски, Давид Балтовски, Виктор Крстевски, Петар Драгарски, Теодор Николовски, Огнен Радуловиќ.

Авторот романот го пишувал неколку години.

„Ме инспирираа повеќе случаи, се настани со жени што учествувале во војните. Јас ќе кажам што се случи после излегувањето на книгата. Малку вовед за мене: седумдесет и прва добив награда на ‘Нова Македонија’. Седумдесет и втора четири награди на ‘Студентски збор’. Седумдесет и трета награда на ‘Студентски збор’ и на Книжевната младина на Македонија. Но, поради тоа што пишував за раселувањата, не можев да добијам работа со години откако го завршив факултетот, и по дваесет и две години напишав книга раскази. Следната година, кога дојде време за конкурирање, ме пресретна новинарот Христовски од Радио Битола. Ме праша дали ќе конкурирам со книга. Му кажав дека конкурирав на награда, не добив. Тој го имал списокот, а од списокот видел дека не сум во истиот. Секретар на општината беше Ѓуро Илиќ и тој ми кажа дека не било комплетирано барањето, ќе можам и следната година да конкурирам со истото. Наградата ја добив. И тоа време следуваше конкурс за ‘Пламенка’ и ја добива наградата. Имаше многу убави и неубави работи поврзани со книгата“, истакнува авторот и додава: „’Пламенка’ на времето се читаше многу. Така и ме пресретна Блаже Миневски. Тој е значаен писател, а исто го цени моето дело како силно и ми вика: Петре, многу си читан. Наградата за читан автор ќе ја добиеш. Во Скопје ме следеле, но тука еден друг писател во библиотеката преку научното друштво успеваше да дејствува, да не оди предлог итн“.

За драматургот Билјана Крајчевска ова беше еден голем предизвик.

„Нашата главна тема, односно темата на жената и нејзиното преживување и жената како архетип на она што го претставува идентитетот, борбата за слободата, на нашиот јазик, на нашето традиционално минато. Но, и уште едно предупредување дека претставата предупредува дека сè она што е во минатото, може да се повтори како една матрица во денешницата. А текстот навистина беше многу обемен. Имаше многу информации коишто емоционално успеаа да го пренесат само актерите помеѓу непишаните редови. Меѓутоа, успеавме во него да вметнеме и некои нови текстови, наши текстови, наши лични приказни кои сме ги слушнале од нашето семејство, од местото каде што живееме. Така што овој роман повторно добива некаква актуелизација. Како нешто реков за што се однесува најмногу на денешното прашање, кој ја носи слободата и кому му припаѓа таа слобода. Денес во едно време на такво општество, каде што не само војните, туку и насилството врз жената и врз целото човештво претставуваат постојана закана. Значи, навистина е прашање важно да се одговори на она што ние го обработуваме како тема“.

Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.

„’Пламенка’ е претстава во која навистина многу се помачивме да го најдеме правилниот сценски израз. Со оглед на тоа што станува, како што споменавме, драматизација на еден роман, кој што е прилично голем, а ние успеавме да го сведеме на околу 45 страници, во час и десет минути треба да се преживее еден човечки живот, којшто верувајте бил, за една жена, меѓутоа и за луѓето коишто им се случува, за сите тие војни и така натаму, којшто бил прилично тежок. А, можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите коишто се случувале. Но, верувајте, ‘Пламенка’ е само уште едно потсетување дека секој од нас, дека секоја фамилија, секој човек има по неколку ‘Пламенки’ во својот живот“, вели актерката Маја Андоновска Илијевски, која со оваа претстава се присети на приказните од својата баба.

За Љупка Стефановска ова е прва претстава во која се потпишува како автор на кореографски решенија и движења.

„Огромна благодарност на екипата која ми ја даде довербата. На почетокот кога ми беше доделена таа доверба, целосно навлегов во нештото, меѓутоа кога стапнав на сцената и кога ме повикаа да ги направам тие кореографски решенија, јас малку се збунив, бидејќи колку дејствието во претставата е брзо, толку се менуваат периоди, значи традицијата е прикажана во целост. Живеењето во минатото, живеењето преку еден современ начин, современ тек, современа сценографија, костимографија. Кореографијата и движењата кои што се во претставата ја прикажуваат традицијата, односно традиционалниот начин на нематеријалното живеење и нематеријалните вредности на нашиот народ. Тоа е тешко да го доловиме, меѓутоа кога го сакаме нештото можеме да го презентираме. Кореографијата се надоврзува на сите оние периоди на војувања, војски и страдања на македонската жена, на македонскиот народ, кои не може преку говор да се изразат. Кореографиите, инструментите, движењата го надополнуваат нештото, ја надополнуваат сликата, мозаикот, меѓутоа не само како единствен дел, туку како вистинска суштина на претставата. Децата, односно статистите, се членови на КУД ‘Илинден’ и не беше тешко да се работи со нив, бидејќи тие го имаат ритамот, го имаат движењето, знаат што сакам да им кажам. Со овие кореографски решенија ѝ дадовме смисла на претставата и го надополнивме мозаикот како една целина. Со сето ова што ќе се презентира околу ‘Пламенка’ докажуваме дека нашата традиција е непресушен извор на инспирација и можности и дека точно традицијата и современото се спојуваат на сцената како една симбиоза и се надополнуваат“.

Композитор е Александар Талевски, а музиката е комплетно авторска. Костимите се авторско дело на Андреј Папаз Ѓоргиевски, сценографијата на Михаел Димитровски, видео оператор е Владимир Переловски, додека тонец е Николче Терзиевски, инспициент е Оливер Петровски, суфлер е Гордана Михајловска, светло-мајстор е Горан Петровски, а авторските фотографии и графичкиот дизајн се на Сашо Илковски.

„Во мојот дел беше ставен акцент околу, изработка на креативите, изработка на дизајнот. Направивме голем број на фотографии и фотосесии и авторски видеа. Изработивме некои пет сцени, а целта беше да прикажеме некои сцени од ‘Пламенка’. На мое големо задоволство, со целата екипа избравме пет локации коишто се тука локални, регионални, коишто имаат допир и со романот ‘Пламенка’ и со дејствието и со селото. Изработивме четири-пет часа видео материјали за на крајот да имаме некои десет-дванаесет минути трајно видео монтирано и спакувано, коешто мислам дека ќе биде на крајот еден таков видео украс на целата претстава. Најголемиот предизвик беше зад камерата со прекрасната баба Ратка, којашто како сцена ја имаме на крај на претставата и којашто разбуди голем број на емоции и солзи. Се надевам дека и публиката ќе го почувствува тоа. Би ги споменал тука и актерите Огнен Дранговски и Александар Стефановски, со коишто имавме снимено две сцени“, изјави Илковски.

„Во мене претставата пробуди многу големи чувства и емоции, тоа што се случувало на нашиот македонски народ, па можам да кажам и на предците. Ми беше чест и задоволство да бидам една од ‘Пламенките’, мило ми е што учествував во овој процес и се надевам дека ќе имам уште повеќе соработки со моите прекрасни колеги“, вели младата актерка Вероника Ефтимова.

„За мене ‘Пламенка’ претставува еден омаж за жената. Беше огромен предизвик, бидејќи јас сум единствено машко во екипата, ова го кажувам од срце, бидејќи јас сум еден огромен феминист и сакам жената да биде на исто ниво со мажот. Процесот го поминувавме премногу емоционално, имавме и смешни моменти. Тука разбравме дека и луѓето и кога биле во војна, понекогаш успевале да се насмеат. Она што мене ми остави најголем впечаток е внесувањето на законот за колење на кози. Козата е тука прикажана како мајка. Со тоа што таа создава млеко и прераснува во една хероина“, вели Валентин Дамчевски, известија од Битолскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот