Претстава „Како ќе го делиме мачорот?“: Најважно е товарот на недоразбирањата помеѓу родителите да не падне врз грбот на децата

Малата Искра (Матеа Јанковска) и мачорот Гарфа (Ненад Митевски) во претставата „Како ќе го делиме мачорот?“ / Фотографија: Емил Петро

На младинската сцена на Театар за деца и младинци – Скопје на 22 ноември се одржа премиерната изведба на претставата „Како ќе го делиме мачорот?“, која ги отвора табу-темите поврзани со разводот, а поставена по текст и во режија на Јане Спасиќ.

Режисерот Јане Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

Преку приказната за разводот во фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади што го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родителите да ја разберат нивната позиција и потреби. Суптилно и непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу-темите и ги прикажува повеќето стравови на децата и на родителите, и притоа ги поставува вообичаените прашања, перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес.

Од друга страна, претставата на еден свој начин е „другар“ на сите што минале низ моментите на „брачна криза“, место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и други членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Во поставувањето на претставата е применета драматуршката постапка „текст во текст“, а дејството ги следи записите во дневникот на 10-годишната Искра, која ја игра Матеа Јанковска. Станува збор за петчлено семејство во кое, покрај таткото и мајката, Искра го дели секојдневието со помалата петгодишна сестра Ели и 16-годишното братче Огнен. Дел од секојдневието е и мачорот Гарфа, кој на моменти појавува и човечки карактеристики, односно влегува го дијалог со Искра. Повремено на гости доаѓа и зборлестата тетка Јасна.

Иако претставата трае невообичаено долго за младинска сцена, сепак приказната брзо се одвива пред очите на децата и на родителите и минува, речиси, за миг. Текстот отвора повеќе моменти со кои се соочуваат и децата и родителите во текот на трауматичниот процес на развод во едно семејство.

Дневникот на Искра станува книга од која може да се извлечат многу поуки. Иако разводите се честа појава во современото општество најважно е товарот на недоразбирањата помеѓу родителите да не падне врз грбот на децата. Секако, најдобра ситуација е кога воопшто нема да има потреба „да се дели мачорот“.

Претстава „Како ќе го делиме мачорот?“ во ТДМ / Фотографија: Емил Петро

Во претставата играат Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска. Едноставната и компактна сценографија е на Кирил Василев, а костимограф е Бранкица Јордановска, која дрес-кодот прецизно го базира на возраста на ликот. Првата реприза на претставата е закажана за 28 ноември 2023 (вторник), од 20 часот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот