Претседателски избори во САД: Славните Американци се соблекоа и ги повикаа граѓаните да излезат на избори (ВИДЕО)

Ејми Шумер, Тифани Хејдиш, Марк Руфало, Челса Хендлер и уште многу други јавни личности се соблекоа и со видеопорака ги повикаа граѓаните масовно да гласаат на претстојните претседателски избори.

Кусото видео почнува со актерот Крис Рок, кој симнувајќи ги очилата, вели: „Гол сум“. Потоа на екранот се појавува Тифани Хедиш коментирајќи дека е комплетно гола. Други ѕвезди меѓу кои Ејми Шумер и Џош Гејд изјавуваат дека исто така се голи, додека камерата ги снима до рамената. За разлика од нив, комичарката Сара Силверман во видеото се појавува со голи гради, кои ги крие со рацете и се шегува:

– Нема маж зад мене. Ова се моите раце.

Откако Борат Сагдиев, алтер егото на Саша Барон Коен, прашува зошто треба да се соблече, актерот Марк Руфало се појавува на екранот и вели:

– Знам што си мислиш. Сигурно си велиш: „Руфало, облечи се“.

Тогаш се вклучува Челса Хендлер, која објаснува дека ги повикува граѓаните да гласаат, додека Рајан Бејт додава:

– Знаете дека гласачките ливчиња можат да бидат „голи“?

На тоа се надоврзува неговата колешка Сара Силверман:

– А ако не го направите тоа што ви го кажувам, вашето ливче може да заврши во канта за отпадоци.

Голите ѕвезди се собраа да го снимат ова аматерско видео за да им ги објаснат на гласачите инструкциите за гласање преку пошта, кое за првпат се спроведува поради кризата со ковид-19. Тие во објаснувањето одеа до најситни детали, како, на пример, дека е важно да внимаваат и на бојата на мастило од пенкалото со кое ќе го заокружат кандидатот за кој се одлучиле.

Наоми Кемпбел им објасни на граѓаните дека во некои држави како Пенсилванија се бара од гласачите, откако ќе гласаат, ливчето да го испратат по пошта ставено во два плика, бидејќи во спротивно:

– Тоа се вика „голо“ гласачко ливче – се надоврзува Ејми Шумер.

Учесниците во видеото ги поттикнуваа граѓаните да отидат до пошта да ги земат своите гласачки ливчиња, ако не им стасале на домашна адреса, бидејќи сечиј глас е важен. Сара Силверман во еден миг ги открива градите и со војнички поздрав изјавува: „На Америка ѝ требаш“.

Целта на овој забавен клип е да им помогне на гласачите што треба да гласаат за идниот претседател на САД и да изберат меѓу Доналд Трамп и Џо Бајден. Во видеото е споделен и линк до интернет-порталот каде што граѓаните можат да најдат други детали во врска со гласањето преку пошта. На истиот портал ќе се споделуваат уште вакви интересни видеа, со други разголени ѕвезди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот