Претседателски избори: Сиљановска со двојна предност во првиот круг, Пендаровски победи само во две општини

Претседателски избори/ Инфографик: „Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори, влегуваат Гордана Сиљановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски кандидатот на СДСМ. Силјановска Давкова во првиот круг победи во 60 општини и освои вкупно 362.682 гласови, додека Стево Пендаровски победи само во две општини – Крушево и Маврово и Ростуша, а според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), освои вкупно 180.306 гласови

Стевчо изгуби во Карпош, Максим и Таравари победија во општините во кои се градоначалници

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на последната прес-конференција синоќа пред полноќ истакна дека излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810.971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789.031, а неважечки 21.946 гласачки ливчиња.

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова 362.682 (40,08%), Стево Пендаровски 180.306 (19,93%)

Од тројцата актуелни градоначалници кои се кандидираа за претседател на државата само двајца добија најголем број гласови во општините каде се градоначалници – Максим Димитриевски во Куманово и Арбен Таравари во Гостивар, додека Стевчо Јакимовски во Карпош освои само шест проценти од гласовите.

Интересно е тоа што градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски ги собра потребните десет илјади потписи за претседателска кандидатура, но на изборите освои само 8.103 гласа. За Јакимовски во неговата општина Карпош гласале 2.143 избирачи.

ВИДЕО | Ковачевски: Јасно е дека луѓето не казнија и ние тоа го прифаќаме, во вториот круг очекуваме подобри резултати

Во општина Куманово најмногу гласови освои Максим Димитриевски 14.286 (30,16%). По него следи Гордана Сиљановска Давкова со 11.982 гласови (25,29%), Бујар Османи со 6.203 (13,09%), Стево Пендаровски со 7.399 (15,62%), Арбен Таравари со 4.325 (9,13%), Билјана Ванковска со 1.814 (3,83%) и Стевчо Јакимовски со 238 (0,50%).

Градоначалникот на Гостивар и кандидат за претседател на Коалицијата Вреди, Арбен Таравари во општина Гостивар освои 9.895 гласа (33,47%), само 75 повеќе од кандидатот на ДУИ Бујар Османи, кој доби 9.820 гласа (33,22%).

Во општина Гостивар, Гордана Сиљановска Давкова освои 5.580 гласови (18,88%), Стево Пендаровски 2.464 гласа (8,34%), Максим Димитриевски 709 гласови (2,40%), Билјана Ванковска 302 (1,02%) и Стевчо Јакимовски – 70 (0,24%).

ВИДЕО | Мицкоски: Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција

Најмногу гласови во општина Карпош има Гордана Сиљановска Давкова – 14.482 (41,49%), по што следи Стево Пендаровски – 9.130 (26,15%), Максим Димитриевски – 3.974 (11,38%), па Билјана Ванковска – 3.089 (8,85%), Бујар Османи – 602 (1,72%) и Арбен Таравари – 483 (1,38%).

Во општина Чаир каде градоначалник е Висар Ганиу од Коалицијата Вреди, најмногу гласови освои кандидатот на ДУИ Бујар Османи 10.999 (40,53%), додека Арбен Таравари има 9.618 (35,44%). На трето место по бројот на освоени гласови е Гордана Сиљановска Давкова со 2.791 глас (10,28%), по што следи Стево Пендаровски со 1.809 (6,67%). Максим Димитриевски има 440 гласа (1,62%), Билјана Ванковска 337 (1,24%) и Стевчо Јакимовски 76 (0,27%).

ВИДЕО | Пендаровски: Резултатите не се такви какви што очекував, од утре продолжуваме со средби со граѓаните

Во Тетово, каде градоначалник е Биљал Касами од Беса, најмногу гласови доби кандидатот на ДУИ Бујар Османи 14.726 (36,78%), додека Арбен Таравари од коалицијата Вреди околу 700 гласа помалку или 14.030 (35,04%). Гордана Сиљановска Давкова во општина Тетово има 6.235 (15,57%), Стево Пендаровски 2.387 (5,96%), Максим Димитриевски 969 (2,42%), Билјана Ванковска – 576 (1,44%) и Стевчо Јакимовски – 90 гласа (0,22%).

Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи има предност во вкупно 16 општини, во однос на кандидатот на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Во земјава вчера се одржа првиот круг од седмите претседателски избори. Граѓаните можеа да гласаат за еден од седуммината кандидати: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Сиљановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ.

Силјановска-Давкова: Ова е почеток на ново време

На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.

Овие избори се карактеристични по тоа што првпат од независноста имаат толку многу кандидати за претседател. Уникатно е и тоа што кампањата и молкот за претседателските избори се преклопија со кампањата за парламентарните избори на 8 мај.

Претседателските избори, како што информираше ДИК ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.

ВИДЕО | Се слави пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Вториот круг за претседателските избори треба да се одржи на 8 мај заедно со изборите за пратеници во Собранието.

Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и сегашниот актуелен претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски.

На претседателската фотелја досега седнаа петмина – сите претседатели на Македонија од Глигоров до Пендаровски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот