ВИДЕО | Пендаровски: Резултатите не се такви какви што очекував, од утре продолжуваме со средби со граѓаните

Стево Пендаровски Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски на прес-конференција истакна дека резултатите од првиот круг на изборите не се такви какви што ги очекувал.

Тој е убеден дека неговиот концепт бил супериорен, ги опфаќа сите етнички заедници, луѓето од сите социјални категории и од сите општини. Сите тие, вели, биле убедени во неговиот концепт.

На прашањето дали граѓаните со гласањето го казниле него или партијата која застана зад него, односно дали го платил цехот на СДСМ, рече дека тоа ќе го покажат анализите што следат. Но факт е дека коалицијата не била на ниво од 2019 година, ама тој успеал да додаде некаква вредност на потенцијалот.

Пендаровски најави дека утре продолжува со средби и ќе го промовира концептот во кој длабоко верува – држава која нема да биде изолирана, без поделби и држава која е интегрирана во Европа.

– Тргнуваме од почеток од утре продолжуваме со средбите и мојата задача ќе биде да го промовирам концептот во кој длабоко верувам држава која не е изолирана и која нема поделби, држава која е интегрирана во Европа. Тоа е мојата политичка филозофија која ја застапувам од кога паметам за себе, изјави Пендаровски.

Тој ги охрабри граѓаните кои не гласале во првиот круг да излезат и да учествуваат во вториот круг, и очекува значителна излезност.

– Во оваа смисла, сакам да кажам однапред бидејќи имаше шпекулации, нема да барам договор со другите кандидати кои не продолжуваат во вториот круг. Никогаш не сум го правел тоа ниту ќе го правам, за да механички преземам гласови од која било етничка заедница. Тоа нема да го правам ниту сега. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт и се надевам дека на 8 мај граѓаните ќе го препознаат, порача Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот