Претседателот на Рускиот парламент бара да се забрани Хашкиот суд во Русија

Претседателот на Државната дума на Русија, долниот дом на Парламентот, Вјачеслав Володин, смета дека е неопходно да се забрани работата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) на територијата на Русија.
Предлогот доаѓа откако Хашкиот суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомнение за организирање масовно киднапирање и депортација на украински деца од окупираните територии.
– Потребно е да се направат измени во законодавството со кое се забранува каква било активност на МКС на територијата на нашата земја, како и да се предвиди одговорност за промовирање и поддршка на МКС – напиша Володин на Телеграм.
Минатата недела, советот на МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и детскиот правобранител Марија Лавова-Белова. Судот меѓу другото ги товари и за депортација на деца од Украина.
Москва не ја признава јурисдикцијата на МКС и тврди дека руските власти ги спасиле децата од украинското гранатирање и ги однеле од борбената зона во безбедни подрачја.