Претседателот на руската Дума го обвини НАТО дека веќе е страна во војната во Украина
Претседателот на руската Дума, Долниот дом на парламентот, Вјечеслав Володин, го обвини НАТО дека е страна во воениот конфликт во Украина, сугерирајќи дека пактот е веќе силно вклучен во донесувањето на воените одлуки.
Володин, како близок соработник на претседателот Владимир Путин, коментарот го даде само еден ден откако Путин предупреди дека Западот директно ќе се бори против Русија доколку и дозволи на Украина да ја нападне руската територија со западни проектили со долг дострел, потег што, според него, ќе го промени природата на конфликтот.
Не понудувајќи никакви докази во поткрепа на своите тврдења, Володин ја обвини Алијансата предводена од САД дека и помага на Украина да избере кои руски градови да ги гаѓа, организирајќи конкретни воени дејствија и издавајќи наредби до Киев.
„САД, Германија, Велика Британија и Франција разговараат за можноста за напад ( на Украина) со употреба на оружје со долг дострел на територијата на нашата земја. Тоа не е ништо друго туку обид да се камуфлира и прикрие нивното директно учество во воената акција“, напиша Володин на својот канал на Телеграм.
„Со ова САД и нивните сојузници всушност се обидуваат да си дадат дозвола да вршат акти на агресија со проектили против Русија“, додаде тој.
Тој рече дека активностите на советниците и инструкторите на НАТО во Украина сега се надополнети со „платеници“, како што ги нарече, и зборуваше за цели единици вооружени со оружје на НАТО.
Британските медиуми не можеа независно да ги потврдат тврдењата на рускиот политичар и близок соработник на Путин.