ПРЕСВРТ | Координирани удари по новинарските платформи, кој стои зад атаките?
Нов гостин во емисијата „Пресврт“ на „Слободен печат“ е Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија. Со него ја отворивме темата која не ги засега само медиумите, туку и целото општество, а се однесува за малициозните онлајн напади врз новинарските платформи и медиуми и нивното влијание врз слободата на информирање.
Препорачано
Повод за гостувањето на Чадиковски е последниот случај поврзан со инстаграм-профилот на „Слободен печат“, каде што беа забележани координирани и сомнителни активности од нетипични коментари до нагло намалена видливост на нашите објави.
-Со внимателност ја следевме ситуацијата што ја алармиравте преку вашите медиуми. Според првичните индиции, она што го гледаме и ние, и вие, и секој објективен набљудувач јасно укажува дека ова не личи на изолиран или спонтан онлајн инцидент предизвикан од технички проблеми. Моделот на координирано активирање на голем број новокреирани и сомнителни профили, кои во исто време упатуваат исти или слични пораки, укажува дека најверојатно станува збор за организиран напад – вели Чадиковски.
Тој истакнува дека овие напади се алатка со која во новото време сака и може да му се наштети на медиумот и неговите платформи за објави.
– Целта, пред сè, е да се намали или уништи репутацијата на медиумот во кој работите. Второ, можеби уште поважно за оние што го организираат нападот, е да се намали дигиталната видливост на медиумот – таканаречениот „шедоу-бан“, кој во последно време се појавува како нова доктрина во светот – вели Чадиковски и додава дека токму затоа ЗНМ реши овој напад сериозно да се истретира каде е поднесена и пријава до МВР, до Секторот за компјутерски криминал.

-Засега немаме нови показатели што ќе донесе истрагата и како ќе се изведе, бидејќи ваквите истраги секогаш се ставени во една поинаква, посложена класа – објаснува Чадиковски.
Повеќе од разговорот со Младен Чадиковски, првиот човек на ЗНМ можете да погледнете вечер во 19.00 часот на јутуб-каналот на „Слободен печат“ и на порталот во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.


