Пресуда за „Рекет“: Незадоволни и адвокатите и обвинителите

Во јавноста преовладуваат поделени мислења за правичноста на вчерашната пресуда за аферата „Рекет“, во која на првообвинетиот Бојан Јовановски познат како Боки-13 му беа првостепено пресудени девет години, а на второобвинетата Катица Јанева седум години затвор. За епилогот на судскиот процес, не само граѓаните, туку и политичките фактори во земјава имаат поделени мислења.

Од власта сметаат дека со пресудата правдата е задоволена и дека функционира правосудниот систем. Опозицијата, пак, прашува каде се парите кои Боки-13 ги изрекетирал од Орце Камчев. И директно инволвираните во процесот, адвокатите на обвинетите и јавната обвинителка Вилма Русковска се незадоволни од правдата која ја одмери судијката Васка Николовска – Масевска.

Од одбраната на Катица Јанева велат дека се разочарани од пресудата и казните кои ги слушнале и најавија дека ќе се жалат и ќе поднесат жалба до повисоките судови, а бранителот на Бојан Јовановски, адвокатот Сашко Дуковски, по објавувањето на пресудата рече дека таа била очекувана од почетокот на овој судски процес. Јавната обвинителка Вилма Русковска, исто така, најави жалба и за двете пресуди, но откако ќе ја добие на писмено пресудата.

За правниците и јавноста најголем проблем е изјавата на јавната обвинителка која по завршувањена процесот одговарајќи на новинарско прашање дали знае каде се парите кои наводно биле рекетирани рече:

„Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување“.

Правниците не и веруваат на спроведената правда во „Рекет“

Бранителот на Бојан Јовановски, адвокатот Сашо Дуковски вчера рече дека ОЈО не го докажало обвинението и дека ова е еден од најслабо водените предмети.

– Сметам дека ова е еден од предметите коишто беше најслабо воден, со загрозување на минималните права на обвинетиот, него не му беше дозволено да даде исказ во фаза на истрага, беа криени докази. Апсолутно не го докажаа обвинението. Една работа ме шокираше и јас како правник до ден денес не можам да прифатам: се вели врз основа на доказите, а нема докази во овој предмет. Втората работа е одбивност од ОЈО да го вештачи телефонот на Бојан Јовановски. Ако имате чист предмет, што имате од повеќе докази. Обвинителството толку се спротивставуваше на тој доказ, што попрво ќе дозволеше да се урне зградата. Во телeфонот на Бојан има разговори и докази кои ќе ја расчистат фактичката состојба – вели Дуковски.

Случајот „Рекет“ ќе служи и почнува да служи за добивање на политички поени во предизборието, смета адвокатот Звонко Давидовиќ. Според него, судијката вчера се обидела да каже дека со оваа пресуда довербата на луѓето во судството ќе се врати.

– Но јас не сметам така. Ако погледнете во текот на постапката немавме докази каде се парите. Жално е што имаме пресуди кои не се базираат на докази. Вакви пресуди е жално што постојат. Ако немате милион и пол евра за кои ги обвинувате дека го рекетирале оштетениот и немате 50.000 евра за специјалниот јавен обвинител кои ги зел, многу тешко ќе докажете дека ова дело за кое се обвинети опстојува. Го немате тој кој што ги дал парите и побарал таква услуга, ги немате парите, нешто што порано се викаше давање на мито, го немате ниту во постапка како обвинет, нешто што мора да го санкционирате и казните – изјави Давидовиќ во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

За политичарите правдата е задоволена

Правда и одговорност ќе има за секој во државата, за било кој што ќе се огреши. Очекувам сега натаму лично целосна разрешница на сите случаи, над триесет во коишто е вклучено и целото актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на многу структури, изјави вчера генералниот секретар Љупчо Николовски во одговор на новинарско прашање за пресудите во случајот „Рекет”.

За лидерот на СДСМ, Зоран Заев пресудата за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор.

– Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес – изјави вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Пресудата за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и за шоуменот Бојан Јовановски-Боки 13 во случајот „Рекет“ испраќа важна порака дека корупцијата нема да се толерира, оцени портпаролот на Стејт департментот, во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Овој случај става јасно до знаење дека злоупотребата на јавна функција за лична корист ќе биде соодветно казнета“, истакнуваат од Стејт департментот посочувајќи дека овој случај го следат со внимание.

Исто така, се потенцира дека фер и непартиско менаџирање на судството е суштинско за иднината на Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот