Препознајте ги предупредувачките симптоми на Алцхајмеровата болест

Фото: Профимедиа

Алцхајмеровата болест е невродегенеративна болест, која полека и прогресивно ги уништува мозочните клетки. Тоа е најчестата форма на деменција што се јавува кај 60-65 отсто од сите случаи на деменција. Алцхајмеровата болест влијае на меморијата и когнитивните функции, па затоа доаѓа до збунетост, промени во расположението и дезориентираност во времето и просторот. Не е заразна болест.

Најчесто се појавува кај луѓето постари од 65 години, иако постои помал број случаи на рано појавување на болеста кај значајно помлади луѓе.

Раните симптоми, како што се проблеми со меморијата и делумно губење на одредени когнитивни способности, може да останат незабележани на почетокот. Меѓутоа, како што напредува болеста, симптомите стануваат повоочливи и го отежнуваат извршувањето на секојдневните активности. Практичните тешкотии при извршувањето на секојдневните задачи, како што се облекување, миење и одење во тоалет, постепено стануваат посериозни. На крајот, лицето со оваа болест станува зависно од другите без чија поддршка не може да ги извршува овие задачи.

Алцхајмерова деменција

Алцхајмеровата болест е најчестата форма на деменција. Ги зафаќа деловите на мозокот што го контролираат памтењето, говорот, расудувањето, размислувањето и другите когнитивни функции. Симптомите на Алцхајмеровата деменција се различни кај секој пациент во својот тек, манифестација и редослед на појавувањето. Сепак, постојат некои типични карактеристики коишто рано можат да укажат на Алцхајмеровата деменција и кои го погодуваат, пред сè, памтењето, но и другите подрачја.

Влошувањето на симптомите е обично бавно и неизбежно и доведува до когнитивен пад, нарушувања во однесувањето и промени во личноста. Алцхајмеровата деменција значително ги нарушува секојдневните активности на пациентот, но оваа болест е удар во повеќе сфери.

Алцхајмерот обично влијае на краткотрајната меморија, така што луѓето не можат да се сетат што правеле пред 10 минути, или заборавиле нешто што штотуку го изговориле.
Тоа може да доведе до повторување, заборавање на неодамнешните настани или до проблеми со извршување на рутинските активности, како што е приготвување едноставен оброк или користење кредитна картичка.

Како да се препознае болеста?

Клиничката проценка, секако, ја прави лекарот, земајќи ги предвид постоечките испади и функционалностa во секојдневниот живот, а врз основа на добиените информации од пациентот и неговите блиски, вели доктор Бранимир Радмановиќ.

Кои се активностите од секојдневниот живот во рамките на кои се појавуваат испадите? Тоа се, пред сè: одржување на личната хигиена (капење, миење, перење…), облекување и соблекување, самостојно консумирање храна, користење на тоалетот, користење на превозните средства, движење, користење на апаратите, ракување со парите…

За да може лекарот да утврди дека има испади или дисфункционалност во наведените области, потребно е да се постават соодветни прашања на лицата кои го придружуваат потенцијално болното лице.

Прашалник за придружникот на заболениот:

• Дали има проблеми со присетувањето на новите настани?

• Дали се сеќава на разговорот што сте го воделе пред неколку дена?

• Дали има повеќе тешкотии при пронаоѓањето имиња/луѓе?

• Дали има проблеми со плаќањето сметки и со финансиите?

• Дали прави грешки при земањето лекови?

• Дали има проблеми во транспортот во местото каде што живее?

Ако се добијат три позитивни одговори, секако постои когнитивно влошување и треба да се продолжи со понатамошни тестови за деменција. Со оглед на тоа дека не се спроведуваат рутински скрининг тестови на деменција, со причина се поставува прашањето кога воопшто да се оди на лекар.

Кога ќе се забележи кој било од наведените знаци подолу, се препорачува таа личност да се однесе на лекар за стручна проценка.

Губење на меморијата – Заборавањето на информации, пред сè, од блиското минато е еден од најчестите рани знаци. Овој знак честопати погрешно се припишува на возраста и на физиолошкото стареење. Исто така, доброто сеќавање на работите од далечното минато и деталното опишување на настаните од далечното минато може да ја измамат, да ја залажат околината дека воопшто нема нарушувања на памтењето.

Тешкотии во извршувањето на вообичаените задачи – Често се јавуваат проблеми во планирањето и извршувањето на секојдневните активности коишто таа личност претходно ги извршувала самостојно и со леснотија, како што се ракување со пари, плаќање сметки, одржување на домашните работи, купување, подготвување храна…

Тешкотии во говорот – Понекогаш во раниот период на болеста се појавува заборавање на најобичните зборови или нивно заменување со невообичаени зборови. Личноста не може да се сети на вообичаените зборови кои до неодамна често ги користела или не може да ги именува предметите, животните или луѓето.

Дезориентираност во времето и просторот – Пациентите можат да заталкаат, да се изгубат, не можат да се вратат дома дури ниту од местото каде што често биле, можат да заборават каде се наоѓаат, да не го препознаваат опкружувањето. Овој знак, иако драматично се сфаќа кога ќе се случи, честопати не е доволен за околината да ја препознае болеста, туку се припишува на момент на слабост.

Проблеми со расудувањето – Овој ран знак подразбира, на пример, несоодветно облекување (премногу облека, оскудна или несоодветна облека), лошо управување со парите, донесување нерационални одлуки што не се во согласност со дотогашниот начин на живот…

Проблеми со апстрактното размислување – Со текот на времето, почнуваат да се забележуваат тешкотии во извршувањето сложените ментални операции како што се ракување со броеви, планирање на извршување на некоја задача, решавање нови задачи (ситуации)…

Губење на работите – Околината може да забележи дека овие луѓе често ги губат работите кои често ги користат (клучеви, здравствена книшка, очила, гардероба…). Исто така, многу често еден од најраните испади во однесувањето е и оставањето на работите на несоодветни места (на пример: кваката од вратата ќе се најде во чантата, фиксниот телефон во фиоката…).

Промени во однесувањето и расположението – Со текот на времето, кај заболените почнуваат да се појавуваат нагли промени во расположението без причина. Тие често бурно реагираат на мали поводи, можат да се расплачат за ситница, да се лутат…

Промена на карактерот – Овој ран знак подразбира појава на сомнеж, плашливост, страв. Иако порано не било така, со текот на времето, овие личности почнуваат да се плашат да не останат сами, се плашат да ја напуштат куќата, стануваат сомнителни дури и кон нивните најблиски.

Губење на иницијатива – Од сите горенаведени рани знаци, за жал, овој, иако чест и сериозен, можеби најдоцна се регистрира затоа што најмалку погодува и е најмалку стресен за околината. Пасивноста, престанувањето на извршувањето на вообичаените активности или целодневното седење или лежење, апатичниот став секако е помалку стресен за семејството, отколку, на пример, наоѓањето тенџере во валканите алишта или кога родителот се сомнева дека го трујат.

Секој поминува низ различно искуство и симптомите варираат, но повеќето заболени чувствуваат дека нешто не е во ред. Со деменцијата е можно да се води квалитетен живот со години. Освен тоа, дијагнозата не ги менува веднаш заболените. Сепак, јасно е дека оваа дијагноза носи стигма и дека многумина се плашат да ја откријат од страв дека ќе наидат на неразбирање на околината.

Ако сте загрижени за некој од вашите најблиски, натерајте ги да се обратат кај лекар.

Денес постојат едноставни тестови врз основа на кои е можно да се утврди дали станува збор за Алцхајмерова болест или за нешто друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот