Премиерната проекција ја потврди обединувачката сила на документарниот филм „Јанѕа“ за Блаже Конески

Авторската екипа на премиерата на филмот „Јанѕа“

Долгометражниот документарен филм „Јанѕа“, работен според мотиви на делото „Дневник по многу години“ од Блаже Конески и снимен по сценарио и во режија на Никола Т. Калајџиски во продукција на „Контраст филм“, премиерно беше прикажан на 19 април во градското кино „Милениум“ во Скопје.

Вонвременското дело на великанот Блаже Конески, неговите научни, јазични, поетски и човечки дострели се основниот предизвик за снимањето на долгометражниот документарен филм „Јанѕа“.

Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Никола Т. Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали. Со својот најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот 20 век, фрла нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот, како и малку познати сегменти од неговата биографија.

Во најава на филмот Калајџиски истакна дека „Блаже Конески е меѓник, тестаментална магна карта на македонското ’вјерују‘, на македонските опстојби. Во филмот се собрани сите биднини и небиднини на македонскиот народ, сите јанѕи, но и сите надежи и опстојби да се биде свој на своето. Филмот ’Јанѕа‘ е патување низ времето, не е само автобиографски, туку зборува за она што сме денес и што ќе бидеме утре“.

Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и, воопшто, за нашата држава се претставува преку кажувањата на 25 истакнати академици, универзитетски професори, научници / истражувачи од областа на македонистиката и, воопшто, од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци. Стручни консултанти при снимањето на филмот се проф. д-р Људмил Спасов, актуелен претседател на Советот за македонски јазик, и д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Филмот „Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Кинематографери се Дејан Димески и Петар Кочишки. Монтажата и постпродукцијата траеле речиси цела година, имајќи го предвид огромниот архивски, историски и снимен материјал.

Во филмот се користени материјали од Македонската радио-телевизија, МАНУ и Кинотеката на РСМ. Монтажата е на Аристид Филактов, композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Продуценти се Златко Димески и Дејан Димески од „Контраст филм“, а филмот се реализира со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

На премиерата на филмот присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, странски амбасадори, претставници на повеќе политички партии, научници, професори, македонисти, претставници на Институтот за македонски јазик и Институтот за македонска литература, дел од соговорниците во филмот, директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, филмаџии, како и целата екипа што го реализираше филмот. По премиерната проекција, сценаристот и режисер Никола Т. Калајџиски упати благодарност со сите соработници и до сите поддржувачи на филмот, како и до сите присутни во киното „Милениум“.

– Полно ми е срцето. Верувам дека е полно и срцето на Блаже Конески, бидејќи филмот во негова чест нѐ обедини на едно место – рече Никола Т. Калајџиски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 175, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот