Премиерата на „Генетиката на Глембаеви“ проследена со овации во Бања Лука

Десетминутни овации имало по премиерата на претставата „Генетиката на Глембаеви“, поставена по текст од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски на отворањето на 23. Театар фест „Петар Кочиќ“ во Бања Лука. Претставата пред десетина години беше хит на Драмскиот театар од Скопје, под тогашниот наслов „Генетика на кучињата“.

Весникот „Независне новине“ пишува во суперлативи за „македонскиот писателско-режисерски двоец“. Во пообемната театарска критика, во која се истакнуваат актерските остварувања на ансамблот на Народното позориште на Република Српска, со кој Пројковски неодамна ја постави „Дервишот и смртта“ и победи на Фестивалот на војводинските театри, меѓу другото се вели:

„…Треба да се истакне дека оваа претстава константно ви го држи вниманието. Мудро напишаниот текст и актерското мајсторство веќе го споменавме. Тука е и музиката на сјајниот Горан Трајковски. Сценографијата на Валентин Светозарев, на пример, е во согласност со карактерите на ликовите… Иако оваа претстава ги раскринкува сите слоеви на едно корумпирано општество, некои од ликовите, сепак, бараат спас во духовното. Со одличните режисерски решенија тоа ‘духовно’ во публиката се претвора во катарзично“.

Театарскиот режисер Дејан Пројковски нанижа серија успеси надвор од својата земја: Најдобра претстава на „Сплитско лето“; претстава на годината во Хрватска; AFIFE – театарски оскар за претстава на годината во Турција; награда за најдобра претстава од критиката во Турција; најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар; награда за најдобра претстава и најдобра режија на фестивалот на професионални театри во Војводина.

Авторот на текстот, Венко Андоновски, исто така е потврден и наградуван писател во регионот, како и во Русија и Франција, надвор од Балканот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот