Сцена од претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ / Фотографија: Соња Ставрова Кирковска

Премиера на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ во Театар Комедија: Мистериозни случки во кралскиот дворец

Театар Комедија на 28 ноември премиерно ја изведе претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“, поставена на текст од значајниот полски автор Витолд Гомбрович во режија на Билјана Радиноска.

Претставата носи многу необичен амбиент и сосема нова театарска естетика на сцената на Театар Комедија. Силна подлога за театарскиот израз дава делото на Гомбрович (1904-1969), кого го сметаат за еден од најенигматичните и најконтроверзни автори и мислители во полската и во европската литература на XX век.

Како автор, Гомбрович е предмет на постојани реинтерпретации, толкувања и анализи. За него нобеловецот Чеслав Милош напишал: „Делото на Гомбрович не може да биде мерено со изминувањето на неколку декади. Тоа е споменик на полската проза…“

Преводот на текстот за претставата го направи Филип Димевски, дипломиран филолог по полски јазик и книжевност и македонски јазик, кој е автор на речиси 40 преводи од полски на македонски јазик. Преводот е особено значаен, бидејќи во претставата се користи специфичен сценски говор.

Во кралскиот двор се случуваат необични работи, а фокусот ќе биде ставен на тивката Ивона, пред која се појавува можноста да стане принцеза. Потоа се појавуваат невидливи мрачни сили меѓу дворјаните. Со оглед на тематиката во текстот, терминот „црна комедија“ не може најсоодветно да ја опише претставата. Со јасен и прецизен театарски израз режисерката Радиноска ги води актерите и публиката во лавиринтот на страст, љубов, гнев и мистерија во дворецот.

Сцена од претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ / Фотографија: Соња Ставрова Кирковска

Во претставата играат Елена Кузманов, Сергеј Димоски, Кристина Христова Николова, Роберт Ристов, Мирјана Поповска Ристов, Кристина Ласовска, Ева Скендеровска, Виктор Арсов, Илија Илиоски и Александар Велјановски. Корежисер е Александар Ивановски, драматург е Благица Секулоска, а продуцент е Татјана Дешко. Одлична работа завршиле и членовите на уметничкиот тим: костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографот Војдан Запров и композиторот на музиката Оливер Јосифовски. Дизајнот на светлото е на Милчо Александров.

Претставата е реализирана со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам на Република Македонија, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Институтот „Адам Мицкиевич“ од Република Полска, во рамките на Годишната програма за култура за 2025 година.

Министерот Зоран Љутков и амбасадорот Мариуш Бримора

Премиерната изведба на претставата се одржа во реновираниот салон на театарот. Неколку дена претходно, на 25 ноември, амбасадорот на Република Полска Н.Е. Мариуш Бримора заедно со македонскиот министер за култура и туризам Зоран Љутков учествуваа на свечениот прием на проектот-реконструкција на гледалиштето, реализиран со поддршка од развојниот проект „Полска помош“ во НУ Театар Комедија во Скопје.

Благодарение на средствата на „Полска помош“ и поддршката од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, гледалиштето доби 305 нови и современи седишта и нов ПВЦ под. Вкупната вредност на проектот изнесува 9 милиони денари, од кои 2 милиони денари се обезбедени како донација од Амбасадата на Република Полска и Институтот „Адам Мицкиевич“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот