Мостот Беипанџијанг / Фото EPA/LU DI

Прегладнети животни и казни за краставици: Задолжените градови во Кина се очајни за пари

Кинеска активистичка група за зачувување на дивиот свет упати необичен апел на почетокот на септември. Фондот за загрозени видови повика доброволци да донираат храна за гладните животни во зоолошката градина во паркот Донгшан во северната кинеска провинција Лиаонинг. Со зоолошката градина управува локалната самоуправа, за која се вели дека останува без пари и затоа не може да си ги подмират трошоците, пишува Си-Ен-Ен.

„Во паркот се уште има мечки кои треба да се хранат, кобилата е пред породување и храната ѝ е преполовена, а вработените во зоолошката градина немаат земено плата шест месеци. Се надеваме дека надлежните ќе обрнат внимание на ова прашање“, напиша фондот во објава на својот официјален профил на Веибо.

Зоолошката градина – која има три елени Сика, шест црни мечки, 10 алпаки и стотици мајмуни и птици – не наплаќа влез и се потпира на владино финансирање, но нема добиено пари шест месеци.

Панда во зоолошка во Кина / Фото EPA-EFE/FAZRY ISMAIL

Состојбата е симптом на финансиската криза со која се соочуваат многу од кинеските градски и провинциски влади, кои мораат да ги намалат трошоците додека се борат со долгот што се зголеми за време на пандемијата и најлошиот пад на вредноста на имотот во Кина.

Локалните власти мораа да потрошат милијарди долари за масовно тестирање и заклучување за да ја спроведат кампањата на претседателот Си Џинпинг за нулта толеранција за ковид. Кризата на пазарот на недвижности – што резултираше со остар пад на продажбата на земјиштата – ги лиши од големиот извор на приходи.

Како резултат на тоа, некои се свртуваат кон вонредни мерки за да соберат пари, вклучително и казнување на ресторани за послужување нелиценцирани краставици и возачи на камиони за транспорт на товари со прекумерна тежина.

Во Вафангдијан, градот во кој се наоѓа зоолошката градина, државниот медиум Пејпер цитирал владин вработен кој изјавил дека финансирањето е одложено поради „фискалниот стрес“ на градот.

Видеото објавено на интернет од угледниот магазин Кина Њузвик покажува рачно напишано известување објавено во паркот на кое пишува: „Не сме му платиле на нашиот персонал шест месеци. Животните немаат храна и наскоро ќе гладуваат“.

Ситуацијата во зоолошката градина била решена дури кога градската управа испратила пари за плати и храна неколку дена откако апелот на интернет привлекло големо внимание, објави Кинеското национално радио.

Но, долгот на регионалните влади на Кина станува се поголем проблем за втората по големина економија во светот.

Вили Лам, висок соработник во вашингтонската тинк-тенк Фондацијата Џејмстаун, проценува дека задолжувањето може да биде помеѓу 9 трилиони и 12 трилиони долари, вклучувајќи го таканаречениот „скриен долг“ создаден од локалните власти.

Лиаонинг / Фото EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Овој долг е создаден од правни лица основани од кинеските градови за да ги заобиколат лимитите за задолжување на централната влада во Пекинг. Често се користи за канализирање на финансирањето во инфраструктурни проекти.

Лам изјави за Си-Ен-Ен дека ситуацијата е надвор од контрола: „Половина од приходите што ги создаваат локалните власти се користат за плаќање камата на нивниот долг. Тие мора да ги користат сите средства за да ги добијат парите, затоа има строги казни за рестораните и другите бизниси“.

Во јуни, три ресторани во Шангај биле казнети со 5.000 јуани (685 долари) затоа што служеле исечена краставица на ладни тестенини без лиценца, што предизвика низа негативни коментари  на социјалните мрежи.

„Ова е тешка казна и од апсурдна причина. Зошто да се насочите кон малите бизниси кои се најслаби?“, напишал еден корисник на Веибо, кинеската верзија на Икс. „Градовите прават се што можат за да генерираат приходи“, вели друг корисник, „Дали ќе видиме повеќе произволни казни?“

Во мај, возачите на камиони во централната провинција Хенан се посомневале во точноста на тестовите кои се користат за проверка на возилата и товарот, откако тие постојано биле казнувани за надминување на лимитот, пишува државната новинска агенција Џиемиан.

Еден возач се пожалил дека добил 58 казни за две години, во вкупна вредност од 275.000 јуани (37.687 долари).

Претставник на локалниот оддел за транспорт изјавил за Џиемјан дека „сите окрузи останаа без пари“ по три години од пандемијата: „Значи, мораме правилно да го спроведеме законот и да наметнеме казни што инаку треба да се издадат“.

Минатата година, инспекторите на централната влада откриле функционери во јужниот град Хуижоу како фабрикуваат докази за да можат да наметнат високи казни за камионџиите за фрлање градежен отпад, се вели во написот објавен на веб-страницата на централната влада.

Најмалку 15 кинески градови пријавиле 100% или повеќе зголемување на приходите од казни и конфискации во 2021 година, според анализата на Јуекаи Секјуритис.

Јужниот град Нанчанг забележал најголем скок во таквиот приход од 151% во однос на претходната година, додека источниот град Кингдао собрал најмногу – 4,38 милијарди јуани (600 милиони долари).

„Казните во суштина се очајнички потези за фискално загрозените локални власти. Локалните власти се одговорни за повеќето социјални услуги во Кина, но тие не можат да ги променат даночните стапки или делот од даноците што ги собираат“, рече Логан Рајт, директор на кинеското истражување на пазарот во Родиум Груп.

Вкупниот износ на даноци собрани од кинеската влада во однос на големината на економијата бил во постојан пад од 2015 година. Пандемијата ги влошила работите. Вкупните даночни приходи на сите нивоа на владата паднале за 3,5% во 2022 година во споредба со претходната година, што е најголем пад откако Кина го реформирала својот даночен режим во 1993 година.

Се чини дека централната власт е шокирана од зголемувањето на казните наметнати од локалните власти. Минатата година Пекинг издал директива со која им забранува на локалните власти да наметнуваат „произволни казни“ за да генерираат приходи и испратил инспекциски тимови да ја проверат усогласеноста со директивата.

Но, проблемот не исчезнал. Премиерот Ли Чианг, кој ја презеде функцијата во март, рече во јули дека ќе се бори против „произволните обвиненија, произволните казни“ за приватните компании.

Ли Чианг / Фото EPA-EFE/FLORENCE LO / POOL

Казнувањето на поединци и малите бизниси само ќе и наштети на економијата и деловната доверба и може да поттикне незадоволство од централната влада во Пекинг.

„Мислам дека наметнувањето произволни казни за малите бизниси за да се надоместат значителните финансиски недостатоци на локалните власти е немудро и потенцијално контрапродуктивно“, рече Стив Цанг, директор на Кинескиот институт на Универзитетот СОАС во Лондон.

Степенот на финансиски стрес меѓу локалните власти во Кина е толку голем што „креативните“ извори на приходи можат да покријат само релативно мал недостиг, истакнува Цанг: „Произволните казни им штетат на бизнисите и го намалуваат претприемачкиот дух на сопствениците“.

Уште полошо, тоа би можело да им го отежне животот на сиромашните и да поттикне поголем јавен бунт против владата, вели Џозеф Ченг, пензиониран професор на Градскиот универзитет во Хонг Конг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот