ПРЕДВИДЕНАТА БРОЈКА НЕИСПОЛНЕТА: Само 765 апликации за субвенциите за плински уреди

Во понеделникот заврши огласот објавен од страна на Министерството за економија за вградување на уред за погон на ТНГ, метан и друг вид на алтернативно гориво во возилата, но предвидената бројка од 900 субвенции не е надмината.

Во јавниот повик на Министерството за економија стоеше дека ќе се субвенционира вградувањето на плински уреди во возилата во висина од 50 отсто од цената, но не повеќе од 18.000 денари (300 евра) и дека субвенции ќе има за 900 пријавени.

– Согласно крајниот рок 02.12 пристигнати се вкупно 765 апликации за мерката која предвидува субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан и друг вид на алтернативно гориво во возилата – велат од министерството.

Оттаму додаваат дека во моментов Комисијата формирана во Министерството за економија ги разгледува сите доставени апликации и во рок од 10 дена ќе биде објавена листата на оние кои ги исполниле условите согласно Јавниот повик.

Од министерството немаат одговор зошто не била исполнета планирата квота од 900 субвенции, иако претходно споменаа дека во првите денови по објавувањето на огласот биле забележани редици на луѓе кои во Архивата ги поднесувале апликациите.

Многу од граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека рокот за пријавување бил премногу краток, затоа што во овластените сервиси за монтирање на вакви уреди имало премногу гужва, и дека им се закажувало за 30-40 дена од денот на резервирање на датумот за поставување, но и дека оттаму не им давале потврди за да можат да поднесат апликации за овие субвенции.

Инаку, како што претходно објавивме, со ребалансот на буџетот за оваа намена беа одвоени 15 милиони денари или 250.000 евра, а во огласот стоеше дека пријавувањето ќе се одвива по принципот прв дојден, прв услужен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот