Предраг Мијатовиќ го напушта Белград за да работи во Софија?
Славниот српски фудбалер и потпретседател на белградски Партизан, Предраг Мијатовиќ, би можел да ја продолжи својата спортска кариера надвор од границите на Србија. Според медиумите од Бугарија, тој е во фокусот на ЦСКА Софија, клуб што е во потрага по нов спортски директор откако Португалецот Паоло Нога си замина од функцијата.
Препорачано
Мијатовиќ, кој во моментов е задолжен за спортските прашања во Партизан, важи за еден од главните фаворити за преземање на раководната позиција во бугарскиот гигант. Дополнителна врска меѓу клубовите би можел да биде и тренерот на ЦСКА, Душан Керкез, кој претходно беше поврзуван со клупата на Партизан.
Сепак, српските медиуми пренесуваат дека шансите Мијатовиќ да го напушти белградскиот клуб токму сега се мали. Партизан го гледа како клучен човек во процесот на реконструкција и стабилизација на тимот, па неговото заминување би било сериозен удар за црно-белите.
Но, намерата на ЦСКА е сосема јасна, клубот со најмногу шампионски титули во Бугарија (вкупно 31) сака да се врати на победничките патеки, особено ако се има предвид дека последната титула ја освои во далечната 2008 година.


