Праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски ќе се одржи во МНТ

Плакат за претставата „Марта Верина“ во режија на Нина Николиќ

Во Македонскиот народен театар на 8 ноември ќе се одржи праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, а во копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и Македонски народен театар во соработка со Фондација „Ацо Шопов“.

Текстот „Марта Верина“ е првенствено приказна за жена која истовремено е и херој и антихерој. Жена која поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек кој засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ која ја направил.

Претставата, всушност, сака да отвори клучни прашања за тоа колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ кои сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себеси, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот кој безмилосно отфрла.

Инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како „жртвите“ кои тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор.

Отворајќи прашања за тоа дали космички сме предодредени да ги плаќаме „гревовите“ на нашите родители или, сепак, станува збор за избори кои се предизвикани од наученото однесување со кое сме растеле, текстот наметнува отворање на бројни прашања, а најмногу на тоа: дали навистина постои карма или, пак, личните избори ни ја предодредуваат судбината?

Во претставата играат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката е на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова. Како дел од проектот е објавена и книга, чија промоција ќе биде одржана во склоп на премиерната изведба на претставата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот