Пожарот кај Опеница локализиран, но постои опасност од повторно пламнување – Слободен печат
ВестиМакедонија

Пожарот кај Опеница локализиран, но постои опасност од повторно пламнување

Тоа што најмногу пречи во справувањето со стихијата, е густата непристапна шума, полна со ниска вегетација и багрем која не дозволува движење на луѓе кон сртот каде е пожарот.

Пожарникарите вклучени во акцијата за гаснење на пожарот кај охридското село Опеница кои ноќта ја минаа на терен, изјавија дека огнот моментално е локализиран, но активно е неговото жариште, а температурата е висока што значи оти во секој миг може пожарот повторно да пламне.

Тоа што најмногу пречи во справувањето со стихијата, е густата непристапна шума, полна со ниска вегетација и багрем која не дозволува движење на луѓе кон сртот каде е пожарот.

Пламенот зафати борова шума со смрека и нискостеблеста вегетација на сртот на планината од Опеница во насока на Косел и Вапила, лево од магистралниот пат што води кон Ресен и Битола. Веќе два дена на локацијата дејствуваат противпожарни екипи од Територијалната единица од Охрид и Ресен, потоа екипи на шумските стопанства од Охрид, Ресен и Кичево, на општинските јавни претпријатија, како и авионите за гаснење на Дирекцијата за справување со кризи.

Дежурните екипи на Територијалната противпожарна единица од Охрид што се на терен постојано се во координација со Кризниот штаб, така што од актуелната состојба и временските услови ќе зависи дали и во текот на денешниот ден ќе дејствува противпожарната авијација.

Инаку, селото Опеница се наоѓа околу осум километри северно од Охрид, така што чадот од огнот и непријатната миризба на моменти се чувствуваа и во самиот град.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close