Поврзувањето на Аеродром и Гази Баба „заглави“ кај Ќерамидница

Мост Михајло Апостолски/Фото: Слободен печат

Во рамките на третата фаза од реализацијата на овој капитален проект, за експропријација имало вкупно 275 предмети, од кои како што информираат од Град Скопје во 2022 година биле решени или се во завршна фаза 186 предмети.

Жителите на скопските општини Аеродром, Гази Баба и Центар и по пет години откако започна да се реализира проектот за нивно поврзување, сè уште не се во можност по скратен пат да преминуваат од една во друга општина. Причина за тоа е бавното решавање на имотноправните работи со граѓаните што имаат свои имоти во Ќерамидница, односно на потегот од мостот „Михајло Апостолски“, кој е целосно изграден со делот од булеварот АСНОМ, кој треба да води до трговскиот центар „Ист Гејт“.

На тој потег, во рамките на третата фаза од реализацијата на овој капитален проект, за експропријација имало вкупно 275 предмети, од кои како што информираат од Град Скопје во 2022 година биле решени или се во завршна фаза 186 предмети.

Како резултат на тоа, веќе изградениот мост „Михајло Апостолски“ комплетно е надвор од употреба поради фактот што на крајот наместо да биде поврзан со булевар, буквално се надвиснува над куќите во населбата Ќерамидница. Поради тоа, овој капитален проект што за многумина значеше значително скратување на времето за патување од една во друга општина, веќе со години  наназад останува неостварено ветување, кое во моментот кога ќе се реализира, значително ќе го растовари метежот по скопските сообраќајници.

– Проектот за поврзување на општината Аеродром со општините Гази Баба и Центар започна пред повеќе од пет години, се одвива фазно преку изградба на булеварот АСНОМ, поточно негово фазно проширување, изградба на мост преку реката Вардар и пробивање целосно нова фаза низ населбата Ќерамидница. Изградбата на мостот „Михајло Апостолски“ е завршена, но проектот е започнат без претходно расчистување на имотноправните односи и парцелите во делот на Ќерамидница, со цел да се создадат услови за изградба на последната фаза и поврзување на мостот со делот од булеварот АСНОМ кај „Ист гејт мол“. За реализација на проектот, во делот од Ќерамидница, за експропријација имаше вкупно 275 предмети, од кои во 2022 година решени или во завршна фаза се 186 – велат од Град Скопје од каде што додаваат и дека по завршување на овие постапки, ќе започне последната фаза, поточно пробивање нов булевар низ Ќерамидница и поврзување на мостот со булеварот АСНОМ.

Според овие податоци, остануваат уште голем број нерасчистени имотноправни односни помеѓу граѓаните, што значи и дополнително одолжување на конечната реализација на третата фаза од овој проект. Дополнителен проблем според градските власти се јавува и поради фактот што на терен се случува една иста парцела да биде во сопственост на повеќе лица, а се случува и за даден имот да има одредени спорови помеѓу сопствениците, поради што дополнително се усложнува целосната постапка.

–  Проектот досега се одвива во рамките на роковите и сите поголеми застои и проблеми се околу решавањето на имотно – правните односи, бидејќи често се случува една парцела да биде во сопственост на повеќе лица, или да има спорови меѓу сопствениците. Градот Скопје во 2022 година почна со системско решавање на споровите, при што сите нови проекти не се почнуваат додека не се разрешат целосно имотноправните односи, со цел брза и ефикасна реализација на новите проекти без застој – додаваат од Град Скопје.

Додека да се решат сите овие спорови и проблеми што се јавуваат на терен, жителите на најбројната скопска општина Аеродром, со најголемата скопска општина по територија Општина Гази Баба, ќе останат поврзани единствено преку мостот „Близнак“. Токму поради големиот број аеродромци што секојдневно патуваат од дома до одредени делови на Гази Баба, поради фактот што таму се наоѓаат голем број фабрики и индустриски објекти каде што работат, се случува да има огромен застој на возила, особено во периодот кога граѓаните одат и се враќаат од работа.

Колку за потсетување, реализацијата на проектот за поврзување на општина Аеродром со општините Гази Баба и Центар се одвива фазно преку изградба на булеварот АСНОМ, поточно негово фазно проширување, потоа преку изградбата на мост преку реката Вардар и пробивање на целосно нова фаза низ населбата Ќерамидница. Од овие три фази на реализација, комплетно се готови две, а бавната реализација на третата и последна фаза, комплетно го „закочи“ процесот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот