24.8 C
Скопје

Повлечени зборовите циганштија, курва, педер и други од дигиталниот толковен речник

По реакцијата од Ромите за навредливите зборови во дигиталното издание на Толковниот речник, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ги повлече зборовите се циганчи, циганштија, циганштење и други, чија појава и толкување предизвика револт и најава за протест кај ромската заедница. Освен овие, повелечни се и зборовите курва, ороспија, педер, каур, за кои имаше реакции во јавноста и во медиумите.

Од здружението Аваја кои чера реагираа за навредливите толкувања, информираа дека Владата ги информирала дека тие ќе бидат повлечени.

– Од Владата информираат дека претставници на Владата и од МОН стапија во контакт со редакцијата на Толковниот речник на македонскиот јазик при што од стручниот тим на речникот веднаш било покажано разбирање и согласност зборовите што ги предизвикаа реакциите да бидат повлечени. Стручниот тим на речникот во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следи процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст. Владата ја поздравува проактивноста на заедницата, им напишала извршната власт на Аваја.

Од Аваја вчера потенцираа дека „овој нов или дигитализиран речник ја повторува истата грешка на веќе постоечките речници кои треба да се предмет на реформирање“.

Претседателот на Народната партија на Ромите, Геге Демировски веднаш по промоцијата реагираше дека речникот содржи скандалозни навредливи зборови за Ромите и ги повика сите Роми што се дел од парламентарното мнозинство да ја напуштат владината коалција.

– Со новиот дигитален речник Ромите добија дигитализација на навредите и антициганизмот.
Дигиталниот толковен речник содржи 100 000 зборови меѓу кои и циганче, поцигани, се циганчи, циганштија и циганштилак! Имате рок од 24 часа да го тргнете. Ако не се тргне ќе ги дигнам Ромите од цела Македонија и Европа – објави Демировски на Фејсбук.

Во дигиталната верзија на толковниот речник за зборот се циганчи беше објаснето дека појаснува скржавост од предрасуди како особина на Циган и беше даде примерот „Се циганчи за еден грош“. За циганштилак беше објаснето дека значи скржавост и ситничавост.

Освен овие зборови и толкувања, навределиви зборови имаше и за жените, па беше наведено дека зборот курва означува и жена што извршила неверство. За зборот беше дадено објаснување дека значи блудница, развратница и проститутка, со даден примери евтина курва, градска курва или војничка курва. Како второ значење беше истакнато неверна жена, со примерот: го изневерува курвата. Како преносно значење беше истакнато дека се однесува на човек на кој не може да му се верува, односно на бескарактерен човек, поткрепено со примерот: овој е курва апашка.

Интересно е и што во дигиталниот толковен речник воопшто ги немаше зборовите шиптар, цинцар или Егеец, ниту толкувања во кој контекст се употребуваат. Од друга страна, во дигиталниот речник на македонскиот јазик кој со години е достапен на сајтот drmj.eu за зборовите циганин и шиптар е наведено дека означуваат погрдни назови за Ромите и за Албанците.

Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ кој е нивниот став како институција на реакција на ромската заедница и дали сметаат дека се врши цензура на јазикот или не. Не е јасно ниту на чие барање се повлечени останатите навредливи и погрдни зборови.

Владата вчера ја промовираше веб-платформата makedonski.gov.mk на која е достапен Толковниот речник на македонскиот јазик. Премиерот Зоран Заев соопшти дека речникот им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик.

– Веб платформата, која е во сопственост на граѓаните и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик. Владата е тука за да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот. Платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти и други научници кои ќе можат редовно да го ажурираат, дополнуваат и да го менуваат речникот, рече меѓудругото Заев.

Поврзани вести

Лукаревска: Наша единствена алтернатива е ЕУ

Слободен печат

Пукотница во Старата скопска чаршија

Слободен печат

Филипче од Штип: Покажавме дека за нас зборот е збор, го имаме најдоброто за секоја општина

Слободен печат

Ексцентричен тајкун, креатор на најпознатата антивирусна програма, пронајден мртов неколку часа по одлуката за екстрадиција

Слободен печат

Заев тврди дека не разговарал со Ахмети за промена на знамето, грбот и химната

Слободен печат

Заев за новите проекти: Се воведува еколошка такса, ќе се инвестира во обновливи извори

Слободен печат

Остави Коментар