Потпишан Меморандум за соработка: Педесет отсто поевтини влезници во сите културни установи за студентите

Министерство за култура - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Преку Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Александар Николовски, сите студенти кои приложат индекс со заверен семестар, добиваат 50 отсто намалување на влезниците во културните установи во државата.

Овој Меморандум ги опфаќа сите културни установи во државата. Целта е студентите да имаат еднаква можност на културната сцена, да се зголеми нивното присуство во културните установи и да имаат можност да ги посетат сите културни настани кои ги организираат сите национални установи во државата.

Министерката Костадиновска-Стојчевска по потпишувањето на Меморандумот изјави дека со ова вложуваат во идните генерации и претставуваат пример како понатаму треба да се регулираат нивните права и обврски.

Она што до сега беше регулирано само на ниво на установи, сега го регулираме на ниво на цело Министерство, со тоа што на локалните установи само ќе им укажеме дека оваа мерка ја потпишавме, потоа тие ќе одлучат како понатаму ќе постапат. Студентите односно младите беа и се во фокус од самиот почеток на мојот мандат, тоа го предвидовме и во Законот за култура, кој што е во работна верзија, каде што предвидовме нула работно искуство, односно категории со нула работно искуство, при што им овозможуваме на студентите да можат веднаш да се вработат во некоја од националните установи, рече министерката.

По потпишувањето на Меморандумот, Николовски изјави дека ова е дел од програмата на Универзитетското студентско собрание за подобрување на студентскиот стандард и студентските можности во нашата држава.

Со потпишување на овој Меморандум се оебзедува унапредување на заложбите за задржување на студентите во државата, обезбедуваме подигнување на студентскиот стандард, обезбедуваме креирање на поголемо критичко размислување кај младите како и унапредување на културната историската и уметничката свест кај младите во Македонија. Универзитетското студентско собрание во овој мандат ќе продолжи да се залага за подобрување на студентскиот стандард и студентските можности за сите студенти во државата, додаде Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот