Семафори на Васко Карангелески/ Фото: ЈП „Улици и патишта“

По две години апели и протести, улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром конечно ќе има семафори

Граѓаните што живеат во овој дел уште откако улицата беше пуштена во употреба бараа семафори за поголема безбедност, пред сѐ на учениците кои секојдневно ја минуваат опасната крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“.

По две години откако е пуштена во употреба и по многубројни апели и барања на граѓаните од Аеродром, улицата „Васко Карангелески“ ќе добие семафори.

Долго очекуваната вест ја соопштија од ЈП „Улици и патишта“ од каде што информираа дека започнаа со поставување светлосна сигнализација на крстосницата на оваа улица со улицата „Ангел Димовски“.

Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно во согласност со основен сообраќаен проект за воведување светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долго очекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи. Во првата фаза се врши рачен и машински ископ на земјен материјал за поставување темели за семафорски столбови и ископи за спроведување на семафорската инсталација. По завршувањето на градежните работи, следуваат активностите за монтажа на семафорската опрема и сигнализација –соопштија вчера од јавното претпријатие.

Семафори на Васко Карангелески/ Фото: ЈП „Слободен печат“

Денеска пак, се вршеше подготовки за бетонирање на темелите, на кои ќе бидат поставени семафорите.

И покрај сите предизвици во делот на обезбедување и доцнењето на согласноста од СВР Скопје за поставување на светлосна сигнализација на крстосница на улица Васко Карангелески со улица Ангел Димовски во населба Аеродром, екипите на ЈП „Улици и патишта“- Скопје и денес продолжуваат со активностите на терен. Се вршат подготовки за бетонирање на темелите, на кои ќе бидат поставени семафорските портални столбови и спроведена семафорската инсталација. Новата семафоризирана крстосница се изведува со забрзано темпо со цел што побрзо обезбедување на безбедноста на сообраќајот на овој досега критичен сегмент, со посебен акцент за безбедноста на учениците на ОУ “Љубен Лапе”, кое е во непосредна близина на крстосницата, велат од „Улици и патишта“.

Граѓаните загрижени дали улицата Васко Карангелески ќе добие семафори: Град Скопје вели да, ако одобри МВР

Улицата Васко Карангелески овозможи сообраќајно поврзување на три главни булевари во општината – АСНОМ, Јане Сандански и Трета македонска бригада, на неа има по две коловозни ленти во двете насоки во должина од 1100 метри, велосипедски и пешачки патеки, а изведена е и нова атмосферска канализација. Ја изгради Град Скопје, но уште од почетокот изградбата беше проследена со негодувања и протести на граѓани и активисти од здруженијата за заштита на животната средина, најпрво во обид да се зачуваат дрвјата што требаше да бидат исечени поради градежните работи, а потоа и поради безбедноста на улицата, проектирана за брз проток на сообраќај иако минува близу до основно училиште.

Семафори на Васко Карангелески /Фото: ЈП „Улици и патишта“

Граѓаните што живеат во овој дел реагираа дека на крстосницата нема ни семафори, ниту лежечки полицајци со кои би се смирувала брзината на автомобилите, иако на улицата се вози со поголема брзина. Тие предупредуваа дека во сериозна опасност се особено децата што секојдневно ја минуваат оваа крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“ и бараа Градот итно да преземе нешто додека не се случи некаква несреќа и оваа улица да стане една од „црните точки“ во Скопје.

Несреќи сепак се случуваа, едно возило заврши превртено на покрив, а минатата година на улицата беше со возило удрена и тешко повредена тинејџерка.

Во декември минатата година протестираа и родители од ОУ „Љубен Лапе“ загрижени за безбедноста на своите деца што ја минуваат улицата и опасната крстосница на пат кон училиштето.

Родители од „Љубен Лапе“ на протест, бараат итно решение за небезбедната крстосница во Аеродром

Некои од жителите, пак, апелираа до сите возачи, пешаци и родители да ја избегнуваат улицата Васко Карангелески додека не се исправат сите неправилности, затоа што очекуваа дека по олку реакции Град Скопје ќе преземе некакви мерки.

Апел до властите: затворете ја улицата додека не настрада некое дете! Град Скопје, ова не е булевар, ова не е ни улица, ова е кланица! Со што заслуживме ваков инженерски кикс на 20 метра пред училиште? – реагираше жител на Аеродром.

По многубројните поплаки на граѓаните, на улицата Васко Карангелески беа имплементирани неколку мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како зона на школо, вибрирачки ленти и други мерки што требаше да придонесуваат за намалување на брзината на возилата. Но, не и семафори.

Од Град Скопје лани посочија дека за такво нешто немаат одобрение од МВР.

Изготвен е проект за воведување нови семафори на крстосницата помеѓу улицата Васко Карангелевски и улицата Ангел Димовски, кој во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е доставен до СВР Скопје и сѐ уште се чека добивање на потребната согласност за негова имплементација. Досега Град Скопје до Секторот за внатрешни работи имаше доставено основен сообраќаен проект за светлосни сигнали (семафори) за истата локација, но тоа е трипати одбиено и од таа причина не можеше да се спроведе на терен – објаснија од Град Скопје.

Очигледно, конечно ваквото одобрение стигнало до Град Скопје и градежните работи се започнати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот