Поскапување: Килограм телешко месо стигна до 1.200 денари!
Поради скапотијата, едно македонско семејство во 2023 година купило едвај 2 килограми, телешка кртина. Од друга страна, набавени се 12,2 килограми јунешка кртина и 12,9 свинска кртина, а дури 14,7 килограми пилешки стек, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика
Поскапеа телешкото и јунешкото месо во дел од маркетите. Така килограм телешка кртина сега чини над 1.200 денари, додека телешката плешка сега се продава за нешто над 1.000 денари. Јунешкото месо се продава од 719 до 790 денари за килограм. Цените на свинското месо сè уште ги „држат“ предновогодишните позиции од 350 до 400 денари, а некаде стојат и етикетите „помалку трошоци повеќе за вас“, што е малку збунувачки, бидејќи таа категорија не влезе во новогодишната акција.
Препорачано
„Слободен печат“ неодамна објави дека анализите покажуваат дека некои ставки за производството на говедското месо ќе се зголемат, а некои ќе се намалат. Според предвидувањата на Управата за развој на земјоделството и храната од Ирска, цената на сточната храна не се очекува да се промени во 2025 година, цената на ѓубривата се очекува малку да се намали, така што вкупните трошоци за пасишта би се намалиле.
Д-р Силвен Шарлбоа, канадски професор и истражувач специјализиран за дистрибуција и политика на храна, објави напис за говедското месо и соопшти: „Извинете љубители на говедско месо. Цените на говедското месо најверојатно ќе останат високи до средината до крајот на 2025 година, можеби дури и подолго. Сушите во Северна Америка принудија многу производители на говеда да ги намалат своите стада, што резултираше со потесни резерви“.
Според канадската статистика, говедското месо е главен двигател на инфлацијата на храната во последниве месеци, надминувајќи ја општата инфлација.
Поради скапотијата, едно македонско семејство во 2023 година купило едвај 2 килограми телешка кртина. Од друга страна, набавени се 12,2 килограми јунешка кртина и 12,9 свинска кртина, а дури 14,7 килограми пилешки стек, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Агроиндустриската групација – „АГРИА“ снабдува 30 отсто од потребите на домашниот пазар на свинско месо, додека говедското и телешкото главно доаѓаат од увоз.


