Посебно место во пеколот

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Некогаш зборовите што ќе ги изговорат политичарите на една земја обврзуваат. Пред некоја година, во момент на непромисленост, Дејвид Камерон, тогашниот британски премиер, ќе рече дека владата ќе организира референдум за останување или напуштање на ЕУ. Подоцна, за поддржувачите на брегзит, Доналд Туск, досегашниот претседател на Европската комисија, ќе рече дека „си обезбедија посебно место во пеколот“. Безмалку тригодишната парализа на британскиот политички систем заглавен во темата брегзит, заврши некни, со избори како своевиден нов референдум. Анализите се противречни: едни велат дека без ЕУ Британија станува третокласна економија во судирот на економски џинови, како САД, Кина, Русија и Индија, додека други дека нејзината економска и политичка моќ ќе порасне како слободен играч на светската сцена без ограничувањата на ЕУ слободно да стапува во зделки.

Но, едно е сигурно: без Велика Британија, Европската Унија не е она што беше, а последиците по европската идеја можат да бидат застрашувачки. Може и тотално да се наруши единството на Унијата и да пропадне овој сјаен мировен план за Европа. Конечно, политичарите на Велика Британија можеа и поинаку да се справат со стравовите на гласачите од инвазија на бегалци, со концесии и гаранции од Сојузот за нивен посебен статус, а не со напуштање на ЕУ.

И во нашата држава, Република Северна Македонија, се спремаат избори што можат да станат своевиден нов референдум за името. Некни грмеше салата „Јане Сандански“ „Никогаш Северна, само Македонија“ на собир со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, додека висок претставник на опозициската партија порача во интервју дека, ако гласачите ѝ дадат двотретинско мнозинство на неговата партија, ќе го вратат уставното име Република Македонија. Знаејќи го неговиот став кон Преспанскиот договор, Доналд Туск, кој сега е претседател на Европската народна партија (EPP), на која припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, сигурно би им порачал дека со таква политика и тие ќе си обезбедат посебно место во пеколот. Имено, и кај нас зборовите обврзуваат, па и непромислените. Како и во случајот со британските конзервативци, и во случајот со македонските националисти, никој не верува(ше) дека нивните политики ќе поминат кај народот. Брегзит или изборот на Доналд Трамп за претседател на САД се чинеа исто толку невозможни како што поништување на Договорот од Преспа и враќање на името Република Македонија се чини денес.

Но, неколку работи ја туркаат водата на воденицата на „ревизионистите“. Незадоволни со состојбата во земјата која има одраз врз нивниот личен буџет и врз нивната иднина, и гласачите на Македонија, особено младите, можат да демонстрираат гнев, гласајќи за националистите. Историјата нè учи дека токму во моменти во каков што се наоѓа нашата земја, времиња на сиромаштија, корупција и измама и сеопшт пад на моралот, гласачите стануваат лесен плен на демагози и популисти спремни да им ветат сè, па и невозможно, како што е враќање на името, потоа „брза линија кон ЕУ“ или Македонија како „технолошки тигар“.

Кога станува збор за Преспанскиот договор, македонските националисти треба да внимаваат што посакуваат. Не е потребно многу фантазија за да предвидат каква би била домашната и меѓународната реакција на ревизијата на Договорот постигнат со силна поддршка од Западот, договор кој ја спаси земјата од пропаст, ја направи членка на НАТО и ја постави на патот кон ЕУ. Мислам дека, реално гледано, таква опасност од ревизија на Договорот нема. Верувам дека ќе се случи спротивното од она што предизборно го вели раководството на нашата националистичка партија само за да ја сочува поддршката на својата гласачка база. Мислам дека со тврдиот национализам, партијата би можела да ја доживее судбината на италијанската комунистичка партија која освојуваше најмногу гласови на повоените избори (дури до 40 проценти), но никогаш не само што не формира влада, туку не учествуваше во ниедна. Сојузот на домашните партии во Италија, со силна поддршка на Вашингтон и на големите европски сили, стана непробоен бедем за нивните аспирации да дојдат на власт. Тоа би можело да им се случи и на нашите националисти. Но, дури и кога би се формирала влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста да се управува со држава членка на НАТО, побргу ќе ги смени нив отколку што тие би успеале да ја сменат политика кон НАТО и ЕУ градена околу Преспанскиот договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот