Поранешни британски колонии си го бараат бесценетиот дијамант Кохинор, вграден во круната што ја носат само кралици

Дијамантот Кохинор, вграден во предниот крст на Круната на кралицата Мери / фото: Cyril Davenport / wikimedia

Речиси истовремено со веста дека починала кралицата Елизабета Втора, кога западниот свет беше обвиен во тага, зборот „Кохинор“ почна да станува популарен на социјалните мрежи кај корисниците од неколку поранешни британски колонии во јужна Азија, пишува „Vice“.

Станува збор за еден од најскапоцените и најголемите брусени дијаманти во светот. Кохинор значи „Планинска светлина“, вредноста му се проценува на неверојатни 400 милиони долари, а дел од експертите сметаат дека е непроценлив.

Скапоцениот камен од 109 карати, според легендите, бил откриен меѓу 12 и 14 век во Индија, а потоа со векови бил во посед на различни фракции и држави во јужна Азија: Индија, Пакистан, Авганистан и Иран. Од сите четири земји сега се слушаат повици и барања Кохинор да им биде вратен, бидејќи го сметаат за ограбено богатство.

Во 19-от век, кога Велика Британија ја освоила областа Пунџаб, го запленила дијамантот, кој потоа бил вграден во кралската круна за кралицата Викторија. Бидејќи се верувало дека им носи лоша среќа на мажите, но среќа на жените, круната со бесценетиот дијамант ја носеле исклучиво британски кралици, а ретко и други жени од кралското семејство. Круната, во која има и други скапоцени камења, последна ја носеше кралицата-мајка, мајката на Елизабета Втора, пред околу 20 години. Таа сега е дел од кралската колекција на круни со скапоцени камења и е изложена во Лондонската кула.

Реплика на Кохинор / фото: Aiva. / Wikimedia

Индискиот економист Уца Патнаик, која ја проучува британската економска историја, вели дека Британците ископале скапоцени камења и благородни метали вредни најмалку 45 билиони долари од индискиот потконтинент помеѓу 1765 и 1938 година. Ова е 17 пати повеќе од вкупниот годишен бруто домашен производ на Велика Британија денес, посочува истражувачот.

Низ годините, британското кралско семејство одговараше на барањата да го врати Кохинор со тврдење дека дијамантот бил „подарок“.

„Британија ни должи“, напиша индискиот пратеник Шаши Тарур, кој се залага за враќање на Кохинор на Индија.

„Наместо да ги вратат доказите за нивниот грабеж на нивните вистински сопственици, Британците се фалат со Кохинор на круната на кралицата-мајка во Лондонската кула“, изјави пред еден месец Тарур, кој со години бара и Британија да ѝ исплати репарации на Индија за колонијалниот период.

Авторот на „Скапоцен камен во круната“, книга што документира како британското кралско семејство дошло во посед на дијамантот, додава и дека „Ова е остар потсетник за тоа што навистина бил колонијализмот: бесрамно потчинување, принуда и незаконско присвојување“.

Околу времето кога е родена Елизабета Втора, Британската империја владеела со околи една четвртина од сите луѓе во светот. Историчарите се критични за британската колонизација, посочувајќи дека таа е полна со примери на сурови злоупотреби, нееднаквости, расизам, насилство и екстремно богатење на сметка на колониите.

И покрај тоа што Елизабета Втора не владеела за време на врвот на британската колонизација, таа низ децениите беше критикувана дека замижувала пред многу од злосторствата извршени во име на Круната, вклучително и трговијата со робови, како и операцијата „Наследство“ во 1950-тите и 70-тите, под која владата на Нејзиното височество и МИ5 сокриле или уништиле илјадници документи со докази за злосторствата извршени во колониите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот