Порадикални мерки во „битката“ за дислоцирање на Центарот за зависности

фото: Слободен печат

Утрово околу 7 часот започна најавениот протест на група граѓани со блокирање нa крстосницата на булеварот „Србија“ со булеварот „Борис Трајковски“, па така сообраќајот беше пренасочен по локалениот пат кон Горно Лисиче, булеварот „12-та Македонска Бригада“, булеварот „Трета Македонска бригада“ и улицата „Народни херои“.

Причината за овој настан беше барањето на жителите на Кисела Вода кои бараат дислоцирање на Центарот за зависности од овој дел на населбата. Граѓаните најавуваат дека ќе продолжат со овие активности секој ден додека не се реши нивниот долгогодишен проблем.

– Ние како група на граѓани кои живееме во непосредна близина до Центарот за зависности во Кисела Вода се обраќаме до Вас со образложение зошто утрово (вчера) и секој нареден ден од сега ќе ја блокираме раскрсницата кај булеварот Борис Трајковски. Имено ние се бориме со овој хорор филм повеќе од 20 години. Последнава година излеговме многу пати на протести, но бевме целосно игнорирани од одговорните институции. Од министерот Венко Филипче добивме писмено ветување дека до 6 мај оваа година болницата целосно ќе биде дислоцирана, ни тоа не се случи. Сите наши протести беа целосно игнорирани од скоро сите медиуми. Секоја чест на исклучоците. Ние не сме политички ориентирани и се бориме за нашите деца да не растат со трауми од болницата во која нема никакви услови да се лекуваат зависници од дрога. Наша секојдневна глетка се шприцеви и полуголи нарко зависници кои се дрогираат пред нашите дворови. Потенцираме дека ниту моменталната власт, ниту било која претходна власт во последниве 20 и повеќе години не биле ни малку заинтересирани за решавање на нашиот проблем. Ние се извинуваме на нашите сограѓани за нервозите кои ќе ги имаат понатаму, но додека нашиот проблем не се реши нема да застанеме, напротив ќе бидеме уште порадикални со нашите протести – велат тие во своето писмо до медиумите.

Утрово на ова место можеше да се забележи зголемено присуство на припадници на МВР кои го регулираа сообраќајот и го оддржува јавниот ред и мир, затоа што овој протест беше официјално пријавен во Министерството за внатрешни работи.

Сепак, можеше да се забележи нервоза и кај жителите од овој дел на градот кои се обидуваа да стигнат до своето работно место, повеќето од нив ги поддржуваат своите сограѓани за да се реши овој децениски проблем, но беа загрижени како ќе го оправдаат доцнењето на своите работни места.

Како што најавија од групата граѓани кои бараат дислоцирање на Центарот за зависности во Кисела Вода, тие и утре продолжуваат со блокада на истото место и во исто време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот