Нова студија: Популарниот пијалак за само 4 недели го намалува нивото на шеќер во крвта кај дијабетичарите

Фото Профимедиа

Научниците ги тестирале ефектите од ферментираната напивка чај од комбуха на 12 луѓе и биле изненадени од резултатите.

Новото истражување сугерира дека пробиотските SCOBY култури може да им помогнат на дијабетичарите со тип 2 да го намалат нивото на шеќер во крвта.

Луѓето со дијабетес тип 2 кои го пиеле популарниот ферментиран чај комбуха за само 4 недели успеале да го намалат нивото на шеќер во крвта, додека нивото на шеќер во крвта не се намалило кај луѓето кои во тој период пиеле плацебо пијалак со сличен вкус, покажало клиничкото истражувањето на група научници од Медицинскиот факултет на Универзитетот Џорџтаун, Универзитетот Небраска Линколн и организацијата „МедСтар хелт“, пишува „Медикал експрес“ (MedicalXpress).

Станува збор за прелиминарна студија на 12 луѓе која треба да доведе до поголемо клиничко истражување, наведено е во студијата објавена на 1 август во списанието „Фронтиерс ин нутришн“ (Frontiers in Nutrition).

Комбуха е ферментирана чајна напивка со бактерии и квасец која се користи во Кина најмалку 200 години пред новата ера, но дури последните неколку децении стана популарна во остатокот од светот. Комбухата е многу популарна поради тврдењата дека го подобрува имунитетот, ја зголемува енергијата и ја намалува потребата за храна, но овие тврдења никогаш не биле сериозно испитани и докажани.

– Некои испитувања во лабораторија и на глодари ги покажаа придобивките од комбухата и една мала студија сугерираше дека може да го намали шеќерот во крвта, но колку што знаеме ова е прво клиничко испитување за ефектите на комбухата врз луѓето со дијабетес тип 2. Студијата е ветувачка, но потребно е да направат многу повеќе истражувања. Во нашето истражување е важно тоа што не ги теравме луѓето да ги менуваат своите навики во исхраната, туку само ја додадовме комбухата – рекол Ден Меренштајн, професор на Медицинската школа при Универзитетот Џорџтаун.

Комбухата им помогнала на испитаниците да се намали нивото на шеќер во крвта од 9,1 на 6,4 ммол/Л за само четири недели. Истражувачите, исто така, испитувале и кои од микроорганизмите од комбухата се најактивни. Откриле дека во пијалакот се наоѓаат бактерии од млечна киселина, бактерии од ацетинска киселина и еден вид квасец наречен декера. Сите микроби се присутни во слична мерка и не постојат суштински разлики помеѓу различните брендови на комбуха.

– Дијабетесот е една од водечките причини за смрт во САД и е значаен фактор на ризик за срцеви болести. Успеавме да собереме доволно прелиминарни докази дека редовното пиење може да влијае на дијабетесот. Се надеваме дека ќе спроведеме многу поголемо испитување користејќи го она што го научивме досега и ќе откриеме дали комбухата е навистина толку ефикасна за намалување на нивоата на шеќерот во крвта – рекол Меренштајн.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот