Драган Ѓаконовски – Шпато / Фото: Wikimedia Commons

Поминаа 39 години од смртта на Драган Ѓаконовски – Шпато, човекот што ѝ подари душа на македонската забавна и џез-музика

Денеска се навршуваат 39 години од смртта на Драган Ѓаконовски – Шпато, еден од најзначајните македонски композитори, диригенти и музички аранжери, кој се смета за зачетник на македонската забавна и џез-музика. Шпато почина на 3 јануари 1987 година во Скопје, оставајќи зад себе богато и трајно музичко наследство во македонската културна историја.

Шпато е роден на 11 март 1931 година во Скопје, во музичко семејство. Неговото музичко образование започнало уште во детството, а првите јавни настапи ги имал како дел од семејното трио со татко му и брат му. Настапот на триото „Шпато“ во програмата на Радио Скопје се смета за еден од почетоците на македонската забавна музичка сцена.

Во 1947 година ја создал „Тема I“, која важи за прва македонска џез-композиција. Во текот на својата кариера, Ѓаконовски компонирал и аранжирал голем број забавни и џез-композиции, меѓу кои „На игранка“, „Осаменост“, „Гарача“, „Ми вети ти“, како и бројни аранжмани за домашни и странски евергрини.

Особено значајна е неговата улога во развојот на оркестрите при Радио Скопје. Како диригент и организатор, тој учествувал во формирањето и работата на Ритмичкиот секстет, Забавниот оркестар и Танцовиот оркестар – првиот професионален биг-бенд во Македонија. Со овие состави настапувал низ земјата и придонел за подигање на професионалните стандарди во изведбата на забавна и џез-музика.

Шпато остварил и значајни успеси на југословенските музички фестивали. Во 1962 година, песната „Еден бакнеж“, со негов аранжман, победи на фестивалот „Опатија“, што се смета за еден од најголемите успеси на македонската забавна музика во тоа време.

Во последните години од животот, и покрај сериозните здравствени проблеми, продолжил да компонира. Неговата последна композиција, „Марија“, напишана во 1986 година, е посветена на сопругата Марија Ѓаконовска.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дина Јовановска – „Рингтонс“: Изненадувачки e колку и во 2024 година се пеат постари македонски рефрени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот