Помалку хистерија, што повеќе ЕУ-форија

Апсолутно не треба да се разочаруваме од одлуката на Европскиот совет да ги одложи преговорите на Македонија со ЕУ до октомври годинава, туку напротив, треба да се мобилизираме и во наредните неколку месеци да покажеме дека навистина заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Ваков е ставот на Денко Малески, актуелен советник на шефот на државата Стево Пендаровски и прв министер за надворешни работи на Македонија, откако земјите-членки на ЕУ завчера во Луксембург не успеаја да се договорат за доделување датум за почеток на преговори со нашата земја.

– Власта и опозицијата рака под рака треба да исполнат сè што се бара од нашата заедничка држава во овие два и пол месеца пред нас. Ова со што се соочуваме е реалност во меѓународната политика од која на некој парадоксален начин бевме заштитени кога го имавме грчкиот проблем. Тогаш Грција ставаше вето, па ние всушност никогаш не бевме предмет на сериозна анализа од страна на другите членки на ЕУ. На некој начин Грција им ја олеснуваше нивната работа. Сега и тие имаат сопствен став и сопствена политика во однос на проширувањето, а сето тоа е производ на нивните домашни ситуации. И тоа се тие нови реалности на меѓународната политика со кои единствено можеме успешно да се соочиме ако власта и опозицијата се мобилизираат и заеднички работат на тоа да поминеме низ целта. Ова не е утопија, бидејќи многу источноевропски земји тоа го имаат направено кога биле пред вратите на ЕУ – објаснува Малески.

Во однос на расположението кое владее кај земјите-членки за проширувањето на Унијата, Малески вели дека некои се за, а некои се против, но како што посочува, таквиот став зависи единствено од нивната внатрешна состојба.

– Франција традиционално е за продлабочување на односите во ЕУ, наспроти британскиот став со децении наназад за проширување на европското семејство. Во Германија треба Бундестагот претходно да одобри, а не е тоа волја само на Владата. Тоа е реалноста на меѓународната политика. Како и да е, ние никогаш не сме биле поблиску до европската врата и треба машки да издржиме до целта – вели Малески.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, има за што да бидеме лути, но хистеријата која владее по одложувањето на преговорите е предимензионирана.

– Реално, ние уште од 2005 година сме кандидат, 15 години чекаме на ова, а 12 години буквално се движевме наназад. Па така, ова одложување од три месеци треба да изгледа безначајно. Јас мислам дека сме лути за одложувањето од неколку причини. Првата е затоа што ни ветија. Во последните заклучоци токму тие го спомнаа јуни како месец за добивање датум за преговори. И тогаш имавме договор – ние да го спроведеме Преспанскиот, а тие да ни доделат датум за преговори во јуни годинава. Втората причина е тоа што критичката јавност не знае колку има капацитет нашата политичка елита за да ги спроведе реформите. Па така, ако не влеземе во преговори, тогаш постои опасност вечно да останеме заглавени онаму каде што се наоѓаме во моментов. И трета причина, лути сме зашто се плашиме да не се смени курсот по којшто се движиме, дека ќе се појави некоја нова политичка декаденција или дека ќе се откажеме од тие вредности. Ова се причините за хистеријата, но јас сметам дека нема потреба да бидеме загрижени – објаснува Арсовски.

Димитров: Призната е нашата реформска агенда

Ќе бидеме задоволни кога ќе ја добиеме и одлуката на есен и кога ќе бидеме во организација на првата меѓувладина конференција што сакаме да се одржи во декември оваа година. Ова го нагласи министерот за надворешни работи Никола Димитров и посочи дека голем дел од аналитичарите и новинарите кои го следат овој процес и вон нашата земја, како што рече, велат дека и сега не е многу соодветно да не се поддржи нашата земја.

– Убеден сум дека на есен ова ќе биде уште потешко. Пред нас имаме два и пол месеци и треба да се фокусираме на една задача што не ја завршивме докрај, а тоа е иднината на СЈО преку донесување на двотретинскиот закон за јавно обвинителство. Тоа ќе ни помогне да нема никакво оправдување за ниту една земја членка во септември или октомври годинава – рече Димитров.

Османи: Немаме време за фрустрации

Се надевавме на повеќе, рече вицепремиерот Бујар Османи, посочувајќи дека и добиените заклучоци се позитивни. Важно е, подвлече, дека ЕУ силно се поврзува со октомври годинава, а тоа е поддршка за нас да продолжиме на овој пат.

– Нема простор за емоции, мора да останеме разумни и свесни, нема време за фрустрации. Мора да ја задржиме енергијата за напорната работа и реформите што не очекуваат. Нема потреба од политичка борба за стратешките заеднички цели. Време е да работиме заедно, иднината не може да се подели на наша и ваша, таа им припаѓа на сите – истакна Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот