Полицајка на должност / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Kривична пријава против полицајката што грабна помлада колешка и ја тепаше во кола

Според неофицијални информации објавени тогаш во локалните медиуми, полицајката наводно ја грабнала и ја малтретирала својата помлада колешка поради љубовен конфликт.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полицајката која е осомничена дека во Штип насила внела во автомобил своја колешка, полицајка-приправничка, ја удирала и не ѝ дозволувала да излезе.

Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Штип против Ј.Н., вработена во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај (БПС) Кочани при СВР Штип, поради сомнение за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“.

Според пријавата, инцидентот се случил на 13 септември 2025 година на локација позната како „Суитлак“ во Штип. Осомничената Ј.Н. таму се сретнала со жена – вработена во МВР како полицаец-приправник во Одделението за полиција при СВР Штип, по што, како што се наведува, со сила ја внела во своето возило БМВ.

Потоа, осомничената наводно почнала да ја удира по телото, не ѝ дозволувала да излезе од возилото и да си замине, со што ѝ ја ограничила слободата на движење.

Со ваквото однесување, се вели во соопштението, постојат основи на сомнение дека сторила кривично дело противправно лишување од слобода, предвидено и казниво според член 140 став 1 од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека против Ј.Н. ќе биде покрената и дисциплинска постапка, а како задолжителна мерка ќе ѝ биде изречена суспензија од работното место до завршување на постапката.

Случајот го презема Основното јавно обвинителство во Штип, кое ќе одлучува за натамошните чекори.

Локалните медиуми тогаш неофицијално објавија дека причината за грабнувањето и малтретирањето биле љубовни несогласувања.

Полицајка грабнала и тепала помлада колешка во Штип, малтретирањето го снимила

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот