Поделбата на Алијанса е запечатена, судот ќе го додели печатот

Зијадин Села, Арбен Таравари Форо: Фејсбук Таравари

Двајцата лидери се повикуваат на партискиот статут, на одлуки на Централното собрание и на конгресите, секој од нив тврди дека неговите аргументи и докази се валидни, па битката за докажување чија е – и чија ќе биде – партијата, се сели во Управниот суд и во Централниот регистар

Откако Алијанса за Албанците доби двајца лидери, Арбен Таравари и староновиот Зијадин Села, битката за докажување чија е – и чија ќе биде – партијата, се сели во Управниот суд и во Централниот регистар. По двата вонредни конгреси на партијата, приврзаниците на Села материјалите од конгресот ќе ги пратат во Централен регистар за Села да биде регистриран за нов лидер на Алијанса. Приврзаниците на Таравари, пак, до суд ќе ги достават материјалите од Централното собрание и со нотарски изјави ќе докажуваат дека нивниот конгрес е легитимен, а делегатите на тој на Села биле со фалсификувани документи.

Оваа (очекувана) разврската следи откако Таравари, како актуелен претседател, и Села како негов претходник, ја поделија партијата и се разидоа по прашањето дали Алијанса да настапи на претстојните претседателски и парламентарни избори – самостојно или во коалиција со опозициските партии на Албанците. И двајцата сопартијци полагаат право на легитимитет врз Алијанса, па сега спорот стигна на суд.

Од таборот на Села брифираат дека прва работа по конгресот е да ги достават материјалите и Села да биде регистриран за претседател на партијата, а ќе  покренат и тужба за фалсификат на конгресот на Таравари.
По разрешувањето на Таравари од претседател на Алијанса и изборот на Села како единствен кандидат за лидер на партијата, Села изјави дека ја има поддршката на 591 делегат од вкупно 837. За Села нема дилема дека тој е претседател на Алијанса, бидејќи претседателот се избира како што е наведено во партискиот статут. Тој го обвини Таравари за низа прекршоци, почнувајќи од етичкиот кодекс на партијата, а завршувајќи со статутот.

– Јас сум претседател на Алијанса, јас сум основач на овој политички субјект, заедно со активистите и со членовите на партијата и не знам кој има морално право да го оспори ова, додека во правна смисла судовите ќе одлучат – изјави Села.

Тој рече дека тој не разрешил никого, туку бил само еден од тие што гласале и дека легален претседател е тој што е избран таму каде што се дава одговорност и од претседателот на партијата и од кој било друг избран од функционерите од Алијансата за Албанците.

– Минатата недела ние имавме Централно собрание каде претседателот на партијата одлучи да не дојде и да избега од одговорност. Централното собрание е органот што одлучува и донесе иницијатива за одржување на овој вонреден четврти конгрес. Тука сме за да го испочитуваме тоа што е напишано во Статутот на партијата и конгресот одлучи со 591 глас да се разреши господинот Таравари од функцијата претседател на партијата – рече Села и го повика Таравари да ја почитува одлуката на конгресот.

Од крилото на Таравари велат дека ќе ги достават до суд нотарските изјави на членови на Централното собрание како потврда дека не биле на состанокот свикан од Села. Според приврзаниците на Таравари, на Централното собрание имало лица кои не се членови на ова партиско тело, а со фалсификат потписи се претставиле дека се дел од Собранието. Со тоа, велат дека судски ќе докажат дека Собранието на кое се повикува Села немало двотретинско мнозинство да закаже конгрес и да го разреши Таравари. Според статутот конгрес може да свика претседателот на партијата и двотретинско мнозинство на Собранието. Од крилото на Таравари најавуваат кривични пријави за тие лица, а ќе бараат Села да го врати партискиот печат. Во спротивно ќе се обидат да го добијат по судски пат или ќе бараат да биде поништен. Ако Села и неговите приврзаници не се откажат од Алијанса и ако продолжат да ја „злоупотребуваат“ веб-страницата на партијата и за тоа ќе поднесат тужба.

Од Статутарната комисија од таборот на Таравари велат дека конгресот на Села е незаконски и со него сериозно е прекршен Статутот на партијата, бидејќи постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата ги води Комисијата. Четворицата членови велат дека учествувале на легитимниот конгрес на Алијанса за Албанците, на 16 февруари под раководство на Таравари.

Во петокот, исто така на вонреден конгрес на кој присуствувале 421 делегат, крилото на Таравари го разреши Зијадин Села од функцијата претседател на Централното собрание и го реизбра Таравари за лидер на Алијанса за Албанците.

Поделбата во партијата почна откако Таравари објави дека ќе ја поддржи албанската опозиција на изборите, а Села остана на ставот за самостоен изборен настап. Потоа Таравари стана претседателски кандидат на албанската опозиција и заедно со Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши и Беким Ќоку од „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти ја формализираа предизборната коалиција „Вреди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот