Под чија заштита се палат автомобили во Штип?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Вчерашната вест од Штип звучи како да е дојдена од некое од предградијата на Кабул: запалено е 32-то возило во овој град за неполна година и пол. За да ги ставиме работите во некаков колку-толку споредлив (и, намерно, уште пошокантен) контекст, да потсетиме дека Штип е град со четириесетина илјади жители (заедно со Ново Село!), што би значело дека, да е со големина на Скопје, за изминати 500 дена би имало запалени околу 500 возила! Отрпилика, по едно дневно.

Како е можно ова никого надлежен да не го загрижува?

Не треба да е човек голем криминалистички експерт за да сфати дека, барем во најголем дел од тие случаи, мора да се работи за некаква локална криминална пресметка, излезена од секаква контрола. Токму така брифираат и локалните медиумски извори, а нешто во тој контекст на почетокот на годинава изјави и техничкиот министер Чулев: зад пожарите најверојатно стои пресметка за доминација на локалниот пазар со наркотици.

Добро, колкав е тој пазар на дрога во Штип, ако до сега не ги „изел“ криминалните профити од штетите со запалените триесетина возила? И последниов автомобил е од марката „БМВ“, па се прашувам колку килограми кокаин и хероин годишно се троши во овој дел од Македонија, што го прави исплатлив бизнисот со палење по едно возило неделно, што му доаѓа штета од повеќе стотици илјади евра годишно (и тоа под претпоставка дека се работи за половни возила)? Бидејќи, или во Штип имаме десетина илјади нерегистрирани наркомани – или рутата за шверц на дрога што поминува низ овој криминален коридор тежи многу милиони евра… Не знае човек што е пострашно.

Некни запалениот автомобил е во сопственост на некој 34-годишен штипјанец и е трет или четврт (има разлика во новинските извештаи за овој податок) кој завршува во пламен само од неговиот „возен парк“. Ако тој не соработува со полицијата, за да каже кој му ги пали возилата – за ова сум пишувал и пред повеќе месеци, бидејќи во Штип мора да има точна евиденција, на неделно ниво, кој чиј швалер или швалерка е, а не пак кој кому пали автомобили – тогаш може ли некој надлежен да го праша сопственикот од каде му се приходите за да купува по еден автомобил на секои три месеци? Претпоставувам дека секој уличен полициски падар, а не пак инспектор, би ви дал едно чудо информации за да формирате некакво издржано сомнение.

Тоа значи дека и некој од штипската полиција и од обвинителството е вмешан во целата оваа пироманска, а со тоа и нарко операција. Се извинувам, нема друго. Ниту „истрагата ви е во тек“, ни бутур!

Памтам, на времето, во деведесеттите години, кога во Охрид се случуваа низа криминални дивеења поврзани со демолирањето на локалните коцкарници, со лихварењето, со рекетирањето, со тамошниот пазар на наркотици, а и, ако не ме лаже памтењето, со неколку локални убиства, од МВР во Скопје беше испратена комплетно нова полициска раководна постава (на името на главниот „диспечиран“ полицаец многумина лесно ќе се сетат), на која ѝ требаше само неколку месеци да го доведе градот „под конец“. Со едноставна (иако непријатна, а и не безопасна) полициска работа за воспоставување на јавен ред и мир.

Затоа, ги прашувам и господата од Владата, кои имаат и политичка и „стварна надлежност“ за овој проблем, како и државните раководители на Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Даночната управа итн., дали се чека некој невин да настрада во овие криминални пресметки во Штип, за ним да им дојде од нискиот дел од телото во главите дека Ѓаволот ја однел шегата со тешкиот криминал на Истокот од Македонија!?

И тоа за време на важечки полициски час на територијата на цела држава…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот