Почина музичарот Петар Исиров Пјотр: Колегите и пријателите се простуваат од македонскиот Џо Кокер
Македонската музичка сцена остана без уште едно големо име. Вчера почина Петар Исиров Пјотр, во јавноста познат како Перо Кокер, прекар што го доби поради неговата посветеност и неверојатната сличност во изведбите со неговиот идол Џо Кокер.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Петар повеќе од три децении ја збогатуваше локалната музичка сцена со настапи по клубови, кафулиња и фестивали, носејќи ја магијата на блузот и рокот. Минатата година, со својот деветчлен бенд, на „Котон блуз фестивал“ одржа концерт во чест на Џо Кокер, кој многумина го опишаа како автентично и незаборавно доживување.
Веста за неговото заминување предизвика бројни реакции од колегите музичари и пријателите. Гитаристот Петар Ренџов го опиша како „бунтовник, хипик, рокер… ловец и плен во блузот на градот“, а социјалните мрежи се преполнија со емотивни пораки и сеќавања, меѓу кои и оние на македонските пејачки Нина Јанева, Биба Додева, Вера Јанковиќ и Елена Петреска.
– Пјотр Исиров – бунтовник , хипик , рокер , „Кокер“ , Џокер , ноќна птица, и ловец и плен – во блузот на градот заглавен, тлее и живее за секоја секунда да пее, за сите другар – за себе си без никаков ќар …. Почивај во мир друже , светол ти патот кон небото… Сочувство до Нина и Павел!“ – напиша Петар Ренџов на својот профил на Фејсбук.
Перо Кокер ќе остане запаметен како човек кој живееше за музиката, човек кој на сцената оставаше сè од себе и кој со својата харизма и глас го допираше срцето на публиката.


