Почина Лазе Манасков: Актерот кој остави длабока трага на македонската театарска и филмска сцена
Македонската театарска и филмска сцена денеска остана без Лазе Манасков (67) , актер чија кариера повеќе од четири децении беше нераскинливо поврзана со сцената на Драмски театар – Скопје. Со неговото заминување згасна едно препознатливо актерско присуство.
Препорачано
Манасков беше дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а од 1983 година стана дел од ансамблот на Драмски театар – Скопје, каде што остана активен сè до пензионирањето во 2022 година. Неговиот професионален пат беше обележан со континуирана работа, дисциплина и исклучителна посветеност кон актерската уметност.
Во текот на богатата кариера оствари голем број улоги во театарот, филмот и телевизијата. На сцената на Драмски театар – Скопје настапи во десетици претстави од домашната и светската драматургија, со улоги во „Крал Иби“, „Бура“, „Смртта на Дантон“, „Калигула“, „Ревизор“, „Свадбата на Фигаро“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Вообразен болен“ и многу други, со што остави длабок белег во репертоарската историја на театарот.
Паралелно со театарската кариера, Манасков беше присутен и во македонската кинематографија и телевизија уште од раните 80-ти години. Публиката ќе го памети по улогите во филмовите „Големата вода“, „Исцелител“, „Врба“, „Кајмак“, „Хомо“, како и по бројните ТВ-серии меѓу кои „Солунски патрдии“, „Трст виа Скопје“, „Во светот на бајките“, „Наше маало“, „Погрешно време“, „Големи и мали“, „Преспав“, „Македонски приказни“ и „Бистра вода“.
Неговите улоги, без разлика на големината, секогаш носеа јасна актерска мисла, човечка топлина и препознатлив сценски интегритет. Манасков беше актер кој не се наметнуваше, но секогаш се паметеше, а со неговото заминување, македонската култура загуби уметник со редок континуитет и длабока професионална етика.


