Почина Кристин Мекви, пејачката на легендарниот бенд „Флитвуд Мек“
Пејачката и текстописец на легендарната поп-рок група „Флитвуд Мек“, Кристин Мекви, починала денеска на 79-годишна возраст, во болница, соопштија членовите на нејзиното семејство.
Таа ги напиша некои од најпознатите песни на групата, вклучувајќи ги хитовите „Little Lies“, „Everywhere“, „Don’t Stop“, „Say You Love Me“ и „Songbird“. Мекви, која беше сопруга на басистот на бендот, Џон Мекви, беше во групата околу 28 години, со прекини.
Во соопштението од семејството се вели: „Би сакале сите да ја чуваат Кристин во своите срца и да се сеќаваат на животот на неверојатно човечко суштество и почитуван музичар кој беше универзално сакан“.
Британско-американскиот рок бенд, основан во Лондон во 1967 година, има продадено над 100 милиони албуми, со што се вбројува меѓу најуспешните музички групи на сите времиња.
Бендот ѝ оддаде почит на кантавторката Мекви во изјава вечерва, по веста за нејзината смрт.
„Нема зборови да се опише нашата тага за смртта на Кристин Мекви. Таа беше навистина единствена, посебна и талентирана неизмерно. Таа беше најдобриот музичар што некој може да го има во својот бенд и најдобриот пријател што некој може да го има во својот живот. Имавме многу среќа што живеевме со неа. Поединечно и заедно, длабоко ја почитуваме и сакаме Кристин и сме благодарни за прекрасните спомени што ги имаме. Ќе ни недостига многу“.