По сторијата на „Слободен печат“: Обвинителството ги гони продавачите на „магла во тегла“ кои го злоупотребија доктор Никола Пановски

Злоупотребено името на познатиот микробиолог проф. д-р Никола Пановски

Откако „Слободен печат“ во декември минатата година започна да објавува серија написи за злоупотреба на личните податоци на лекари, за да се продадат лажно рекламирани „лекови“ на социјалните мрежи, каде што најекспонирана беше злоупотребата на доктор Никола Пановски, Јавното обвинителство денеска поднесе обвинение против едно физичко лице и едно правно лице.

Тие ќе одговараат за злоупотреба на личните податоци на тројца лекари преку лажни реклами за суплементи и чаеви кои ги претставувале како да се „лек“ за паразити или слични здравствени состојби. Овие лажни реклами водат до големи заработки, затоа што чаевите кои ги истражувавме, достигнуваат и цена од 50 евра за 50 грама, а не се ништо повеќе отколку четири билки.

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и едно правно лице кои се обвинети за три кривични дела – злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на Законот за заштита на личните податоци без согласност на тројцата оштетени лекари меѓу кои и доктор Никола Пановски ги користеле нивното име, слика и презиме за онлајн продажба на два производи. Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите „Паразол“ и „Хипертеа“ кои на територијата на државата ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконска обработка на личните податоци и директен маркетинг.

Обвинителот му предложи на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневна глоба од 30 евра односно 2.100 евра, а правното лице да го казни со глоба од 5 илјади евра.

Согласно предлогот на обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари имотно-правното побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци, велат од ЈО за „Слободен печат“.

Нашата редакција во своето истражување нарачавме чај „Паразол“ за кој знаевме дека е лажно рекламиран и лично се уверивме дека телефонскиот оператор невистинито тврди дека доктор Никола Пановски го препорачува чајот „Паразол“ во истото време кога Пановски јавно се оградуваше од овој чај и кажуваше дека тој не е никаков лек против паразити.

Во текот на истражувањето „Слободен печат“ го купи чајот, од што утврдивме дека не станува збор за лек против паразити како што невистинито се тврдеше во онлајн рекламирањето, туку дека станува збор за билен чај од неколку билки, кој на ниеден начин не третира паразити.

Истражувањето во три продолженија може да го прочитате во продолжение:

Кој во Македонија продава „магла во тегла“ со нечесни реклами и лажни интервјуа со д-р Пановски во кои чај се претставува како лек против паразити?!

За да се продаде Паразол, не е злоупотребен само д-р Никола Пановски, туку и Лепа Брена, српски доктори, новинари па и „Јован од Чеченија“

По истражувањето на „Слободен печат“: Инспекциски глоби за чајот Паразол, а Обвинителството ги бара рекламерите што го злоупотребија д-р Никола Пановски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот