По скоро пет дена „кочница“, празниот луксузен воз „Голден игл“ конечно ја напушти Македонија
Екскурзијата на луксузниот воз почна на 24 октомври во Венеција, а продолжи кон Трст, Постојна, Љубљана, Сараево, Мостар, Темишвар во Романија, па потоа Белград, Скопје, Софија, Пловдив, по што беше предвидено на 2 ноември да заврши во Истанбул, каде што според понудата, требало да има дводневен престој
По петдневното принудно паркирање на скопската Железничка станица поради најавите за бомби по шините во Србија, луксузниот воз „Голден игл“ конечно ја напушти Македонија и се упати кон српската граница со цел продолжување на својата експедиција низ Балканот со крајна дестинација во Истанбул.
Препорачано

Македонски железници за „Слободен печат“ информираа дека луксузниот воз тргнал назад кон Србија во понеделникот вечерта, поточно околу 20:30 часот, но приватните вагони што биле од Унгарија, а се користеле при екскурзијата, најверојатно ќе се вратат назад во Унгарија наместо да ги земат патниците и да го продолжат патувањето кон Истанбул, со оглед на тоа што термините за посета на другите градови се целосно промашени поради неочекуваниот застој во Македонија од пет дена.
ФОТО | Луксузниот воз „Голден Игл“ со пит-стоп во Скопје како дел од патешествието до Истанбул
Возот „Голден игл“ своето патување го започна од Венеција како дел од 12-дневната тура до Истанбул преку неколку градови од Балканот, а беше предвидено по посетата на Скопје, каде што пристигна во петокот во 6:40 часот наутро, да се упати кон Софија истиот ден во 15:30 часот, но од Македонски железници информираат дека возот не добил дозвола да го продолжи своето патешествие до Истанбул поради дојавите за бомби на српските железнички пруги.
За жал, поради дојавите за бомби што се разгледуваа неколку денови, железничкиот транспорт на таа релација беше целосно запрен додека не се расчисти можната закана, а поради тоа 44-те патници што за ова патување одвоиле десетици илјади евра, во саботата со автобуси биле одведени и сместени во хотели во Србија, од каде што го чекаа враќањето на „Голден игл“ за да ја продолжат својата екскурзија кон Истанбул.

Екскурзијата на луксузниот воз почна на 24 октомври во Венеција, а продолжи кон Трст, Постојна, Љубљана, Сараево, Мостар, Темишвар во Романија, па потоа Белград, Скопје, Софија, Пловдив, по што беше предвидено на 2 ноември да заврши во Истанбул, каде што според понудата, требало да има дводневен престој.
Сепак, според информациите од Македонски железници дека вагоните се враќаат „дома“, односно во Унгарија, нивното упатување кон оваа земја најверојатно ќе означи крај за оваа раскошна екскурзија, која навистина „скапо“ ги чинеше овие 44 патници што два дена останаа заглавени во Скопје, а потоа со автобуси беа превезени до Србија, а сега најверојатно наместо во, како што се вели во понудата, волшебниот град „Истанбул“, ќе се вратат во своите домови поради спонтаниот неславен крај на оваа скапа екскурзија.
ФОТО | Луксузниот воз „Голден Игл“ со пит-стоп во Скопје како дел од патешествието до Истанбул


