По неуспешните претквалификации за Мундобаскетот 2027: Една победа за Македонија е премалку, предоцна
Надолниот од на македонската репрезентација продолжува со неуспешните претквалификации за Мундобаскетот. Циклусот го завршивме со победа над Унгарија која сепак не ја менува лошата општа слика. Треба долга, кординирана, методична работа за да се крене повторно овој наш спорт, кој во низа пропушти неколку големи натпреварувања. Дали ќе се има сила и волја за таков пресврт?
Уште еден неуспешен квалификациски циклус е зад македонската репрезентација по киксот на претквалификациите за Мундијалот 2027. Со овој неуспех репрезентацијата продолжува резултатски да ни паѓа се подолу, тренд што ни се случува со години наназад.
Препорачано
Претквалификацискиот циклус нашиот тим го заврши со победа над Унгарија (82-75) во Скопје, која можеби е и зрак на надеж, но не значеше ништо во резултатска смисла.
Претходно црвено-жолтиот тим изгуби три клучни меча во низа, од Романија двапати и еднаш од Унгарија, доволо за елиминација. Треба да се спомене и дека лавовски дел од ефектот што го постигна нашиот тим во сите тие мечеви одработи Американецот Џејкоб Вајли, без кого ќе изгледавме уште понеубедливи. Романија и Унгарија не користеа натурализирани играчи, сепак лесно излегоа на крај со нашиот тим, кога тоа беше потребно.
Полошо веројатно не било
Следниот циклус претквалификации, оној за Евробаскетот 2029, веројатно ќе го почнеме во првата, почетна фаза. Полошо веројатно не било за репрезентацијата која пред малку повеќе од една деценија беше четврта во Европа! Репрезентацијата веќе ни беше неуспешна во три квалификациски циклуси во низа за европските првенства. Сега доживеваме и неуспех во претквалификации.
Овој тим предводен од селекторот Марјан Илиевски направи се што можеше, но толкава е моќта на црвено-жолтите во моментов, да не можат да минат ни претквалификации, соочени со два тима кои само неколку години наназад не би ни претставувале поголем проблем.
Што недостига?
Недостига работа со домашните кошаркари, нивни поголем клупски ангажман, тоа ни е голем проблем со години. Без кошаркари кои ќе играат главни улоги во своите клубови во Првата лига, нема да може да се создаде јадро од неколку носители кои би можеле да ја доведат репрезентацијата до резултатски подем.
Но, со клубови каде доминираат странци на сметка на домашните играчи, како што е кај нас со години, такво јадро не може да се создаде. Илиевски во повеќе наврати апелира до прволигашите да ги користат повеќе домашните играчи, тоа го стори и по мечот со Унгарија. Тоа би бил прв чекор кон подобрување на резултатите на националниот тим. Но само со апели нема да се стори многу.
Потребно е многу повеќе, поголема ангажираност и во младинскиот сегмент, подобрување на инфраструктурата, за кошарката повторно да биде на некогашното многу повисоко ниво од она каде е сега. Дали ова се уште ново раководство на Кошаркарската федерација на Македонија ќе има волја и сила да тргне по тој тежок пат, да го редуцира бројот на странци, да работи на другите сегменти?
Илиевски: Критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот


