Фото: Слободен печат

По ланската криза со водата во Скопје, се истражуваат три локации како алтернатива на изворот Рашче

Сега-засега нема никаква опасност за Рашче. Во моментов водостојот таму е поголем од кога било во изминатите 25 години, но не можам да речам дека јас сум ја решил таа состојба, тоа е божја волја, имало дожд, се наполнил изворот. Имаме стабилна состојба таму – тврди градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Се ближи летото, па граѓаните се надеваат дека Скопје нема одново да се соочи со голготата со снабдување со вода која ја доживеа минатото лето, кога голем број населби, особено во повисоките делови на градот со недели, во најтоплите денови, останаа без вода за пиење и за техничка употреба.

Надлежните алармираа дека изворот Рашче и бунарите во Лепенец и Нерези максимално се црпат, а дека повторно нема вода, а „Водовод и канализација“ проблемот го „решаваше“ со постојани апели до населението рационално да ја користат водата и да не ги наводнуваат дворовите и градините со вода за пиење. Но, како и за сѐ друго, така и за водата не помагаат апели во услови кога со години не се презема ништо за да се откријат нови извори што би биле алтернатива за Рашче, во услови доколку со изворот се случи нешто непредвидено.

Стручни луѓе од јавното претпријатие укажуваа дека на изворот Рашче толку му е капацитетот, дека не може да работи повеќе од тоа што го дава и дека од технички аспект тоа максимално исцрпување на изворот и на бунарите може да доведе до колабирање на бунарите, односно до нивно уривање. Покрај тоа, предупредуваа дека доколку Рашче подолг период се празни максимално, може да се случи нешто па градот да остане без пивка вода.

Алармантно во Скопје, Рашче работи на максимум, а сепак половина град нема вода

Проблемот со водата минатото лето неколкупати се поставуваше и на седница на градскиот Совет. На прашањето што работи претпријатието со години за да ги спречи загубите на вода што се провлекуваат години наназад, што се работи за да се санираат овие проблеми, Дејан Димовски од „Водовод и канализација“ објасни дека според своите ингеренции, јавното претпријатие треба да даде вода онолку колку што системот овозможува и технички да ги одржува постојните капацитети.

Инвестирањето во нови водоснабдителни системи и подобрување на системите се инвестиции на самите општини. Генерирањето на ДУП не значи само изградба на нови населби и згради, претходно треба да се финансира и во водоводна и канализациска мрежа. Тоа не го прави јавното претпријатие. Кое било решение што општината ќе го направи според стандардите за водоснабдување, ЈП „Водовод и канализација“ го прима како дел од системот и го одржува со наплатата на вода – објасни Димовски.

Колку општините се ангажирани при донесувањето и спроведувањето на ДУП-овите да се грижат и за нови водоводни мрежи е друго прашање, а од минатата година досега се чини ништо ново не е направено во однос на овој проблем.

Град Скопје: Проблем не е водата, проблем се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат

Сега, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тврди дека во однос на водоснабдувањето се прават испитувања за нови извори.

Започнати се испитувања на три нови позиции во Скопје што би значеле алтернатива за изворот Рашче, тоа ќе бидат пообемни операции што ќе се одвиваат во наредниот период, но се стратегиски операции за градот. Недопустливо е за 30-40 години да не се најде алтернатива, затоа што сѐ се случува. Сега засега нема никаква опасност за Рашче. Во моментов водостојот таму е поголем од кога било во изминатите 25 години, но не можам да речам дека јас сум ја решил таа состојба, тоа е божја волја, имало дожд, се наполнил изворот. Имаме стабилна состојба таму – вели Ѓорѓиевски.

Во последниов период во јавноста повторно се спомнува депонијата на поранешен „Југохром“ во Јегуновце, во која има околу 7.000 тони шестовалентен хром, кој е опасен отпад, а се наоѓа во близина на изворот Рашче. Постои ли ризик од загадување на изворот и како Градот се справува со овој проблем и потенцијалната опасност, беше прашање упатено до градоначалникот на последната седница посветена на советнички прашања.

Во однос на Јегуновце, тоа што е опасност, потенцијална, веќе Владата работи во соработка со Општина Јегуновце и експерти на отстранување на тој проблем, таму мора многу внимателно да се работи. Министерството за животна средина е приклучено на целиот процес, а и ние како Град Скопје се приклучуваме со нашите служби па верувам дека и тој проблем ќе се реши – тврди градоначалникот.

Друг проблем со години нерешлив е огромната загуба на вода во водоснабдителниот систем на Скопје. Според извештајот за работа на „Водовод и канализација“ за 2025 година, загубите на вода се околу 45 проценти или околу 49 милиони кубни метри вода се губат на потегот од Рашче до домовите на скопјани.

За нечии зелени бавчи и дворови, пола Скопје секојдневно со часови е без вода

На скопјани им останува да се надеваат дека летово нема да биде сушно, дека ќе има и дождливи денови и дека ќе се полни изворот Рашче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот