Пленковиќ: Да дојде Путин во Хрватска, веднаш го апсиме

Кога рускиот претседател Владимир Путин, по кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење, би дошол во Хрватска, тој би бил уапсен во согласност со процедурата предвидена со закон, изјави денеска во Брисел хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Хрватска пристапи кон Статутот на Меѓународниот кривичен суд и донесе закон за соработка со судот.
„Тој закон ги предвидува сите процедури во случај да има налог за апсење на лице и, колку што знам, тука не важи имунитетот. Затоа, процедурата би била токму онаква каква што е предвидена со тој закон и хрватската полиција и надлежните органи секако би реагирале“, рече Пленковиќ одговарајќи на новинарско прашање како Хрватска би постапила во случај да ја посети Путин.
Пленковиќ истакна дека таквата посета „сепак не е реална“.
„Не верувам дека тој толку скоро ќе се упати во земјите што се потписнички на Римскиот статут“, рече тој.
Римскиот статут е меѓународен договор со кој беше создаден Меѓународниот кривичен суд.