Плаче мајка авганистанска

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Над 50 илјади лица, меѓу кои најголемиот дел деца, избегаа од земјата и се упатија во беспаќето на миграцијата, населувајќи се во прифатните центри на поголем број држави.

Бегалците не бираат каде бегаат, тие ја прифаќаат милоста на сите оние народи, кои во критичниот момент им нудат кров над глава и корка леб. Сè е подобро од хоророт што ги очекува во нивната земја, во
која смртта се чини како подобра варијанта, споредена со другите репрекусии кои новите власти ги подготвуваат во одмаздничкиот чин на превоспитување и културна асимилација.

Точно 5.132 од децата кои родниот крај го напуштија без родители се засолнети во Романија, 4.148 во Чехословачка, 3.590 во Полска, 2.859 во Унгарија и 672 во Бугарија. Погодувате? Овие бројки не се однесуваат на актуелната криза во Авганистан, туку статистиката е стара повеќе од 70 години и се однесува на бегалците од Егејска Македонија, кои единствениот спас од монархистичката власт во Грција го гледале во бегството.

Македонското население кое ги напушта своите вечни огништа, се раселува во поголем број источно-европски земји. Егејците се населија во Букурешт, Прага, Братислава, Будимпешта, Ташкент, Брно, Варшава, Тбилиси и во Москва. Во СР Македонија им беше дозволено да дојдат дури во 1970 година, а грчката влада во 1980 година со закон им го забрани враќањето во своите родни градови и села.

Плаче мајка егејска за своите синови и ќерки, но плаче и мајка авганистанска, која деновиве се простува од своите деца, чија судбина е испреплетена со егзилот на Македонците.

Авганистанците ќе се раселат долж планетата, ќе живеат во Њујорк и Вашинтон, Лондон и Париз, Берлин и Виена, а некои од нив прибежиште ќе пронајдат и во Скопје. Околу 2.000 Авганистанци ќе се населат во Македонија, привремено, и дел од нив можеби ќе им станат први соседи на внуците на некогашните бегалци од Егејска Македонија. Едниот сосед е по потекло од Лерин, а другиот од Кандахар. И двајцата со себе ја носат трагедијата на бегалците.

Можеби и поради многубројните сличности и релации помеѓу Македонците и Авганистанците, јавноста е запрепастена од односот на своите сограѓани кои деновиве протестираат и гласно негодуваат поради приемот на бегалците од Авганистан. Народ на кој половина од песните и ората му се инспирирани од миграција би требало да има „широка душа“ за некои други несреќни народи принудени да бегаат од граѓанска војна и од морничавоста на тоталитарниот режим.

Од „Тешкото“ до „Т’га за Југ“, преку тешките чекори на орото и летаргијата на словото напишано во туѓина. Печалбарскиот народ нема право на ксенофобија и нема право на индиферентност кон маките на
другите клетници, кои во моментов ги чекорат своите егзодуси.

Македонија ќе прими бегалци од Авганистан, лица кои најверојатно би се соочиле со репрекусии докол-
ку останат во земјата, која падна под управата на строгиот талибански режим. Човечки е да се помогне кога на другиот му е најтешко, исто како што и на нашите Македонци во минатото им се имаат најдено владите на Бугарија, Чехословачка, Полска, Унгарија, Романија и на СССР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот