Петар Богојески е пријавен во МВР од граѓански здруженија поради ширење говор на омраза, расистички и ксенофобични објави

Активисти од повеќе граѓански здруженија до Министерството за внатрешни работи поднесоа пријава за говор на омраза и закани до Петар Богојески, државен советник во Министерството за одбрана.

„На фејсбук страната на политичкиот лидер на партијата Македонски концепт и вработен во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, Петар Богојески, во последните неколку денови континуирано се шири говор на омраза.

Со своите објави на фејсбук страната и на приватниот профил, истиот предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.

Тој, исто така, јавно шири говор на омраза против ромската заедница и припадниците на исламската заедница, кој е во спротивност на темелните вредности на нашата држава.

На 24 мај, објави пост во кој вели: „Глумицо една, јас не сум ти крив што се мразиш себе си и кожата ти српска во која си се родила! Не сум јас крив што си го мразиш племето свое од каде потекнуваш!“

Овој пост е наменет на припадничката на бошњачката заедница Мерсиха Смаиловиќ која десет дена е мета на контиуниран напад и говор на омраза на Фејсбук страницата и профилот на лицето Петар Богојески.

Преку овој пост се шири  расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, посебно поради бројните коментари и споделувања овој пост стигнува до голем број корисници на Фејсбук. Се негира и понижува идентитетот на нашата заедница поттикнувајќи расна, етничка и друга дискриминација, омраза и нетрпеливост.

Во бројните коментари на кои му реплицираат сограѓаните, покажува висок степен на нетолеранција и говор на омраза. На лице кое е припадник на бошњачката заедница, му реплицира: „Ризвановиќ Едо, не ви дојде памет уште? Во деведесетите?!? Уште сакате?““, се вели во заедничкото соопштение на подносителите на пријавата, Селма Ризвановиќ Мандал – Здружение на жени ЕДУ НИСА Скопје, Аделаид Каришиќ – Бошњачки Истражувачки Центар Скопје, Изета Бабачиќ – Здружение на бошњачката жена Диванхана Скопје, Мерсиха Смаиловиќ – Здружение на граѓани ЛЕГИС Скопје, Мухамед Шукурица – Форум на Бошњаците во Македонија и Јусуф Чоловиќ – Здружение на граѓани НАФАКА.

Во пријавата се бара кон Петар Богојески да се преземат соодвени мерки согласно Казнениот законик на Репубика Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот