Перформансот „Мачката Елеонора“ ќе има две изведби во МКЦ Клуб во Скопје

Плакат за перформансот „Мачката Елеонора“

Во МКЦ Клуб во Скопје, на 27 ноември (понеделник), во 20 часот, премиерно ќе биде изведен перформансот „Мачката Елеонора“, развиен во рамки на платформата за изведувачки уметности на „Тиииит! Инк.“ со проектот „Испробување Феминистички Иднини 2.0“.

Втората изведба на перформансот „Мачката Елеонора“ е закажана наредниот ден, на 28 ноември (вторник), во 20 часот, во МКЦ Клуб.

„Мачката Елеонора“ е сработена по монодрамата на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи. Коавторки и изведувачки се колективот составен од Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска, објаснуваат од „Тиииит! Инк.“.

Монодрамата „Мачката Елеонора“ нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Колективот ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената-мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.

Перформансот „Мачката Елеонора“ е дел од изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско 11“ и од програмата МОТ+, а е развиена во рамки на Платформата за изведувачки уметности „Испробување Феминистички Иднини 2.0“.

Програмата е курирана од Кристина Леловац и се реализира во соработка со програмата „Култренинг“ на „Локомотива“ – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура и Меѓунардниот театарски фестивал МОТ.

Влезот за перформансот е слободен, но поради ограничен капацитет потребна е претходна резервација на [email protected].

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот