Пензионирањето ќе зависи од возраста, стажот пак не се спомнува

скопје луѓе пензионери клупа плоштад
Пензионери во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сојузот на синдикати бара градежен работник, или текстилна работничка, да не одат под исти услови за пензионирање како некој од администрација.

Кој, кога, и под кои услови ќе може да оди во пензија, е главното прашање што деновиве ја бранува повозрасната популација, откако премиерот Зоран Заев најави дека во првите 100 дена од својот мандат, Владата ќе ја промени регулативата во однос на пензионирањето. Се најави дека во пензија нема да може да се оди подоцна од 62 години за жени, односно 64 за мажи, но дека ќе има и исклучоци за дефицитарни кадри, а истовремено се најави и дека е можно предвремено одење во пензија, најмногу до 5 години од редовниот термин за пензионирање. Но, во ниту еден момент не се спомна стажот, иако долги години и од Организацијата на работодавачи и од Сојузот на синдикати, алармираат дека во многу дејности, а особено во текстилната индустрија, има работници што почнале со работа на 18 години, па и помлади, што значи дека една жена за да оди во редовна пензија, ќе ѝ требат 44 години работен стаж, а на маж дури 46 години. Со новата регулатива што се најавува, тие би можеле да одат во предвремена пензија, но тоа значи дека и покрај толкавиот стаж, би имале помала пензија од полната која е поврзана исклучиво со возраста.

По најавените новини околу пензионирањето, Сојузот на синдикати вели дека до Владата ќе го достави својот предлог, кој сметаат дека е најсоодветен за работниците. Оттаму бараат во законот да постојат различни можности, а работникот да може да избира.

– Предлагаме да може да се добие старосна пензија по наполнети 35 години работен стаж за жена, односно 40 години за маж, независно од годините на возраста. Истовремено, предлагаме и понатаму да постои опција работниците да избираат дали ќе одат во пензија според стаж или според навршени години. Работниците во државата се вработени во различни дејности и извршуваат работни задачи што се различни по тежина и по услови каде што тие се извршуваат. Затоа е потребно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање градежен работник, текстилен работник, рудар, а други, за оној што е, на пример, вработен во администрација. Доколку се утврдат различни услови на пензионирање, тие ќе бидат со право на избор на работниците – велат од ССМ.

Оттаму потсетуваат и на нивното долгогодишно барање за бенефициран стаж за  градежните работници, како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа што штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците.

За да некој добие пензија, според законот, мора да има најмалку 15 години работен стаж, затоа ССМ бара да може да се докупи стажот.

– Предлагаме правото на самоуплатување на придонесот да го имаат работници на кои им недостасуваат до 3 години работен стаж од минималните 15, а го исполнуваат условот возраст – 62 години за жени, односно 64 години за мажи – велат од ССМ.

Но, додека ССМ главната битка ја води околу тоа како работниците полесно да стигнат до пензија, се очекува новата регулатива што ја најавува Заев да донесе и битка за влез во „дефицитарните кадри“ за да може да се оди подоцна во пензија од 62, односно 64 години. Заев, пак, како дефицитарни ги спомена здравствените работници, лекари, медицински сестри и вработените во високото образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот