Пендаровски на средба со претставници на вработените во секторот игри на среќа: Јавна дебата за одржливо законско решение

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претставници на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

На средбата, како што соопшти неговиот Кабинет, се разговараше за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој по предлог од Министерството за финансии со европско знаменце е доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Претставниците на Здружението информираа за последиците од носењето на овие измени кои според нив ќе предизвикаат губење на работни места на вработените во овој сектор и ќе придонесат кон драматични финансиски импликации. Тие изразија негодување и за одлуката предложените измени да бидат со европско знаменце, што подразбира да се одвиваат со побрза динамика и скратена постапка, а посочија дека во предложените измени има серија одредби кои не се во согласност со Уставот.

Претседателот Пендаровски ги сослуша аргументите на претставниците на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ и порача дека е неопходна општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни како би се дошло до одржливо законско решение. Претседателот апелираше предложените измени да одат во регуларна процедура во законодавниот дом за да има време да се соочат сите ставови и да се изнајде решение според највисоките европски стандарди за организирање игри на среќа, кое ќе го штити националниот интерес и ќе претставува баланс меѓу засегнатите страни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот