Павле Трајанов ја напушти власта, Демократски сојуз оди во опозиција

павле трајанов
Павле Трајанов / Фото: МИА

Демократски сојуз излегува од владината коалиција и ќе делува како опозиција, соопшти претседателот на партијата Павле Трајанов по вечерашниот состанок на Централното собрание во партиското седиште.

– Демократски сојуз нема да ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство – рече Трајанов.

Трајанов, кој е и пратеник, во Собранието ќе дејствува како опозиција.

Ова следува откако Алијанса за Албанците стана дел од власта, а од парламентарното мнозинство излезе Алтернатива. Трајанов повеќепати во изминатите недели наведуваше дека не се согласува со зголемувањето на бројот на министри-Албанци, со што, според него, се нарушува уставното начело за рамноправна застапеност на заедниците во органите на управата.

„Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз на денешните седници по сеопфатна расправа заклучија дека програмските приоритети на Демократскиот сојуз усогласени со СДСМ пред парламентарните избори во јули 2020 година, како и во декември 2021 година пред формирањето на Владата со актуелниот состав, не се имплементирани“, пишува во соопштението од Демократски сојуз.

„Се работи за коренити промени на изборните правила, преку укинување на системските предности за четири партии (две од власта и две од опозицијата), како и клучната промена Македонија да биде една изборна единица. Потоа, за борбата против корупцијата преку департизација на институциите кои работат на откривање на криминалот и донесување Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, реформа во правосудниот систем преку ревизија на работата на судиите и донесување Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка (преиспитување на монтираните полициско-судски процеси). Меѓу приоритетите се и донесување закон за формирање Фонд за младите од 2% од Буџетот, како и вработување на сите студенти по дипломирањето во јавниот или во приватниот сектор на година дена со просечна плата остварена во претходната година и други“, велат од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот