Сталаг со цигари, излог на тутунски производи, кутии со цигари
Фото: Слободен печат.

Паузата за цигара нема да ја испразни државната каса

Најголемиот дел од проектираната загуба што државата сака да ја „врати“ му се припишува на концептот на „изгубена продуктивност“. Според моделот на Светската здравствена организација и Програмата за развој на Обединетите нации, на кој се повикува Министерството за здравство, оваа сума е пресметана преку времето што пушачите го трошат на паузи за време на работа.

Кога државата ќе предложи законско решение што ветува „поврат на инвестицијата“ од неверојатни 18:1 за што било, логиката налага подлабоко преиспитување на методологијата зад таквиот оптимизам.

Станува збор за новиот Предлог-закон за заштита од пушењето, кој ја темели својата оправданост врз претпоставката дека со ригорозни забрани државата ќе заштеди околу 2,12 милијарди евра во следните 15 години според Нацрт-извештајот за проценка на влијанието на регулативата (ПВР) објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи.

Но, овие милијарди не се вистински приливи, туку статистички проекции засновани на дискутабилни дефиниции за човечката продуктивност.

„Секоја пауза чини пари“

Најголемиот дел од проектираната загуба што државата сака да ја „врати“ му се припишува на концептот на „изгубена продуктивност“. Според моделот на Светската здравствена организација (СЗО) и Програмата за развој на Обединетите нации, на кој се повикува Министерството за здравство, оваа сума е пресметана преку времето што пушачите го трошат на паузи за време на работа.

Оваа статистика претпоставува дека елиминирањето на паузата за цигара магично ќе ја зголеми продуктивноста, односно дека луѓето веќе нема да одат на пауза ако се непушачи.

Дополнително, законот не нуди логично објаснување како забраните ќе ги спречат вработените да излегуваат на отворени тераси. Економската психологија веќе подолго време покажува дека човекот не е хомо економикус (рационален економски агент), а човечката продуктивност не функционира на копче. Претпоставката дека вработениот кој нема да излезе на петминутна пауза за цигара, тие пет минути автоматски ќе ги претвори во директен економски аутпут, е неточна. Обновата на фокусот бара периодични паузи – доколку не е цигара, тоа ќе биде социјализација со колеги, пиење кафе или гледање во телефонот.

Оттука, претворањето на овие минути во милијарди денари загуба за БДП претставува статистичка екстраполација која не соодветствува на реалната динамика на работните процеси. Државата проектира заштеда на средства кои, во суштина, се виртуелна вредност на хартија, а не опиплив капитал кој некогаш претставувал реален прилив во буџетската каса.

Едно е оптимизмот, друго е буџетот

Додека заштедите од паузите се теоретски, фискалниот придонес на тутунската индустрија е поегзактно мерлив. Податоците од Министерството за финансии за периодот 2021-2025 покажуваат дека во последните пет години, само преку акцизи, во буџетот се инкасирани над 1,125 милијарди евра. Минатата година, овој сектор генерирал дополнителни 330 милиони евра преку ДДВ, додека преку 200 милиони евра се слеале во економијата преку откуп на тутун.

Со воведувањето на мерки како „забрана за изложување“ и драстични рестрикции за угостителските тераси (правило од 50 отсто отворен периметар), државата директно ја загрозува ликвидноста на стопанството. Особено тежок е ударот врз малите бизниси. Според Ставот на Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора, оваа легислатива става под ризик над 4.800 малопродажни објекти. За маалските трафики и малите трговци, ваквото принудно сокривање значи директен трошок од 15.000 до 30.000 денари за набавка на специјални шкафови, а и создава сериозен логистички притисок.

Дополнително, пресметките на Комората покажуваат дека само во угостителскиот сектор (ХоРеКа) се очекува годишен фискален минус од 6 милиони евра. Ризикот е очигледен, државата може да го изгуби реалниот и сигурен прилив од акцизи и даноци, во замена за хипотетичка заштеда на „продуктивноста“ која физички не постои во буџетското конто.

Нелегалните производи не се со контролиран квалитет

Најопасниот аспект на новиот закон е неговиот потенцијал да послужи како катализатор за нелегалната економија. Искуствата од другите пазари кои воведоа слични радикални забрани без транзициски период покажуваат дека побарувачката не исчезнува, туку го поттикнува црниот бизнис, надвор од секакви регулативи.

Словенија е најистакнатиот пример за тоа. По воведувањето на строги забрани за ароми и вкусови, нелегалната трговија во оваа земја забележа значителен раст. Предлог-законот во Македонија е во голем дел препишан од овој словенечки модел, но без да се земе предвид дека Македонија веќе има висока стапка на илегална трговија, која се проценува на 13-14 отсто од вкупната потрошувачка.

Доколку легалната продажба стане премногу сложена (скриени производи во трафики) или премногу рестриктивна (забрана на алтернативи), потрошувачите неизбежно ќе се свртат кон црниот пазар. Во тој момент, државата се соочува со двоен пораз. Таа не само што нема да заштеди пари, туку нема ни да го спаси здравјето на луѓето бидејќи нелегалните производи немаат никаква контрола на квалитетот. Тоа значи дека притисокот врз здравствениот систем (кој државата сака да го намали за речиси 70 милиони евра) всушност може да се зголеми поради санитарно неиспитана и сомнителна стока.

Затоа, наместо да се потпира на статистички модели кои ветуваат поврат од 18:1 преку апстрактни метрики, регулативата мора да се темели на економската стварност. Ефикасното јавно здравство не се постигнува со игнорирање на фактот дека тутунскиот ланец на вредности поддржува илјадници работни места. Секое решение што оди над стандардните европски директиви и воведува „експериментални“ забрани, ризикува да создаде буџетска дупка која статистичката „продуктивност“ нема да може да ја пополни. На Македонија ѝ е потребен модел кој ќе го штити здравјето без да го дестабилизира стопанството и да го поттикнува криминалниот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот