Фото: Слободен печат

Патот од Водно за Сопиште подолго време се доправа отколку што се градеше

Од Јавното претпријатие за државни патишта објаснуваат дека тековно се отстрануваат одроните што се појавуваат и патот редовно се чисти, а дека е предвидено на дел од косините на карпите да се постават дополнителни обложни мрежи за спречување одрони.

И по девет години откако заврши изградбата на патот од Водно за Сопиште, како врска кон населбата Сончев Град, патот сѐ уште не е во функција. Проблемите започнаа со појава на свлечиште на патот, па потоа за да се санираат се правеа повеќе измени во текот на градба, па истече дозволата за градба, па се чекаше Министерството за транспорт и врски да ја продолжи и така во недоглед.

Во изминативе години таму одвреме-навреме нешто се поправа, се прават измени во тек на градба, се трошат пари, а патот досега нема никаква функција, освен за граѓаните кои на свој ризик и најчесто на мотори оттука го кратат патот од Центар за Сопиште и обратно.

Од Јавното претпријатие за државни патишта сѐ уште немаат прецизна информација кога патот ќе биде пуштен во употреба и тврдат дека во тек е санација на појавените оштетувања на патот.

Оттаму објаснуваат дека тековно се отстрануваат одроните што се појавуваат и патот редовно се чисти, а дека е предвидено на дел од косините на карпите да се постават дополнителни обложни мрежи за спречување одрони.

 Во моментов во завршна фаза е подготовката на новиот Проект за сообраќајна сигнализација и опрема заради усогласување со европските стандарди, како и поставување на еластична одбојна ограда со примена на EN 1317 стандард. Овие активности се преземаат со цел зголемување на безбедноста на патот, како и подобрување на квалитетот на изградба со што ќе се зголеми и безбедноста на учесниците во сообраќајот. По завршувањето на горенаведените работи и на градежните активности за санација на патот, тој ќе биде пуштен во употреба – велат од ЈПДП.

Претходно, проблемот зошто патот не се става во функција беше што се чекаше Министерството за транспорт да ја продолжи важноста на дозволата за градба, па потоа требаше да се спроведе постапка за измени во тек на градба за изградба на регионалниот пат Р-2138, врска на регионален пат Р-2134, со населба Сончев Град и да се добие и решение за измени во тек на градба од ова Министерство.

И шума се исече и пари се потрошија, но патот од Водно за Сопиште уште е неупотреблив

Всушност, откако формално заврши изградбата на патот, потоа во изминативе години се преземале повеќе активности и градежни зафати за оваа делница  да се доведе во состојба да се стави во употреба.

Во текот на градбата поради сложените геоморфолошки карактеристики на теренот градежниците се соочиле со проблеми при градбата, кои тековно се надминувале со технички решенија кои предизвикале промена на Основниот проект и проширување на опфатот од Инфраструктурниот проект.

Напоменуваме дека првичниот Инфраструктурен проект е од 2013 година, при што Министерството за транспорт и врски го има одобрено Основниот проект како Проект за инфраструктура. Во 2017 година е направена измена и дополна на Проект за инфраструктура во делот од трасата каде што е појавено свлечиште и која е одобрена од Министерството за транспорт и врски – објаснија лани од Јавното претпријатие.

На почетокот на 2019 година е почната постапка пред Министерството за транспорт и врски за добивање решение за измени во тек на градба, но Министерството ги одбило бараните измени со образложение дека опфатот од инфраструктурниот и основниот проект не е усогласен. Затоа било потребно да се направи проект за измена и дополнување на проектот за инфраструктура.

Во 2020 година ЈПДП склучило нов договор за проектирање проект за инфраструктура и на основниот проект, па се пристапило кон изработка на проект за измена и дополна на проект за инфраструктура. Направена била нова геодезија на трасата при што добиените податоци покажале дека во должина на целата траса вештачки е проширен опфатот поради уривање на дел од косините и била започната изработка на проектна документација во согласност со фактичката состојба, која била настаната поради теренските услови.

Во февруари 2021 година преку системот е-урбанизам била отпочната постапка при Министерството за транспорт и врски за одобрување на проектот за измена и дополна на проект за инфраструктура за изградба на патот, а проектот бил одобрен дури две години подоцна, во март 2023 година. По одобрување на проектот се јавила потребата од дополнителна експропријација.

Изградбата на патот започна пред 12 години и поради неговото пробивање преку Водно се сечеше шума, за денеска тој да не функционира. Градежните работи на делницата долга околу 4 километри траеја до 2017 година, а во текот на четиригодишната изградба се потрошија околу 373 милиони денари, односно нешто повеќе од 6 милиони евра. Колку дополнително се истрошиле во изминативе девет години не е познато.

Пробивањето на регионалниот пат беше еден од условите за да започне изградбата на елитната населба Сончев Град. Неговото пуштање во употреба со години го очекуваат жителите на Сопиште и на другите населени места во тој дел, затоа што наместо да кружат преку Кисела Вода, за многу побрзо време би можеле да стигнат до центарот на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот