Патот Битола-Меџитлија што се рехабилитира ја зеде и втората жртва

Фото: Слободен печат/ Васка М. Младеновска

Почина 26 годишното момче, жител на Кравари кое пред една недела возејќи мотор доживеа тешка сообраќајна несреќа на патниот правец Битола-граничен премин Меџитлија. Ова е втора жртва на патот за период од две недели, откако на 16 септември во вечерните часови 42 годишен маж излетал со возилото и почина на лице место.
Исплашени од сето тоа  што се случува на овој пат, по неколкуте сообраќајни несреќи  од кои две со смртни последици со отворено писмо до јавноста се обратија од германската компанија „Кромберг и Шуберт”.

Во отвореното писмо, кое  е адресирано до сите локални и републички институции се вели:

-Со овој Допис поднесуваме барање за итна интервенција за обележување и сигнализација на патот Битола – ИЗ „Жабени”, кој што во моментот е сеуште во фаза на реконструкција. Со направените поправки, санација и реконструкција на патот, во дел што сеуште е во тек, патот во моментот е необележан и нема поставено сигнализација и обележување на патот поради што истиот е опасен за користење. Свесни сме дека сеуште се работи на самиот пат, но, за жал веќе се случија неколку сообраќајни несреќи, од кои две со смртни последици. Затоа апелираме за итно обележување на патот. Поради новите слоеви на асфалт кои се поставија, висината на патот е над нивото на страните покрај самиот пат, и има остри рабови кои не се обележани со (крајна) бела лента и при вечерно возење е доста небезбедно и не е видливо до каде е самата ивица на патот. Покрај бела линија, апелираме да се постават и визуелна сигнализација со ступчиња со рефлектирачки маркици кои светат при вечерно возење или да се постави целосна заштитна ограда особено на неколкуте кривини на патниот правец каде прегледноста е дополнително намалена. Потребата од интервенција со сигнализација и обележување е итна бидејќи овој пат е исклучително фреквентен-алармираат од германската компанија „Кромберг и Шуберт”.

Од ЈП за државни патишта вчера информираа дека рехабилитацијата на државниот пат А3 делница Битола-Меџитлија во должина од 12,5 км е во завршна фаза и во моментов се работи на изведба на асфалтирање на вториот завршен слој по што следува изведба на банкините од двете страни на патот и поставување на собраќајна сигнализација.

-Договорот за рехабилитација на регионалниот пат А3, делница Битола-Меџитлија се реализира врз основа на ревидирана проектна документација од страна на Градежен факултет. Исто така, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација во согласност со одобрениот времен режим на сообраќај, издаден од Министерството за транспорт и врски. Рехабилитацијата на патот со извршена целосна сигнализација се очекува да заврши најдоцна за 30-тина денови, односно до крајот на октомври – почетокот на ноември-велат од ЈП за државни патишта и апелираат до возачите да се придржуваат до времената сигнализација и да ја почитуваат препорачаната брзина на движење.

Двете жртви кои се случија досега треба да го вклучат алармот, бидејќи станува збор за мошне фреквентен пат кој води до селата Кравари, Меџитлија,  Породин, Егри, „Кромберг и Шуберт”  и ИЗ „Жабени”, како и граничниот премин „Меџитлија”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот