Папата му порача на Нетанјаху: Итно примирје и заштита на верските објекти во Газа
Папата Лав 16. денеска телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, притоа упатувајќи јасен и повторен повик за итен прекин на огнот во Појасот Газа и за оживување на мировните преговори.
Препорачано
„Во телефонскиот разговор, Лав го повтори својот апел за оживување на преговорите и постигнување на прекин на огнот и крај на војната“, соопшти Ватикан.
Папата изразил длабока загриженост за хуманитарната катастрофа во Газа, особено за страдањата на децата, повозрасните луѓе и болните. Тој ја нагласил и итноста од заштита на местата за богослужба, кои сè почесто се цел на напади.
Само еден ден пред разговорот, израелските сили го нападнаа комплексот на црквата „Свето Семејство“ – единствената католичка црква во градот Газа, при што загинаа три лица, а неколку беа повредени. Од почетокот на офанзивата во октомври 2023 година, црквата служи како засолниште за раселени Палестинци.
Израелската офанзива, која започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година во кој загинаа 1.300 луѓе, досега резултираше со над 56.000 загинати во Појасот Газа. Во бомбардирањата беа погодени и други верски објекти, вклучувајќи ја Баптистичката црква и грчката православна црква „Свети Порфириј“, една од најстарите цркви во светот.
Папата апелираше за прекин на насилствата и за заштита на човечките животи и достоинството на секој човек, без оглед на верата.


